Денес во Битола се одржа традиционалната манифестација “Денови на Ростковски“ во организација на организација на Регионалното здружение за македонско-руско пријателство “А.А. Ростковски“, во чест и слава на рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски, кој е убиен во 1903 година во Битола.
Кај Рускиот крст зборуваше во име на организаторот, Претседателот на Сојузот
на Здружениjата за македонско-руско пријателство – Драган Ромаски и Амбасадорот на Руската федерација во Македонија – Сергеј Баздникин.
Амбасадорот Сергеј Баздникин прво ги поздрави учесниците на манифестацијата посветена на животот и делото на рускиот императорски конзул Александар Ростковски и на годишнината од неговата трагична смрт во 1903 година.
– За сите Руси градот Битола е посебно место, прибежиште кое во тешките години на пресврти во Русија на почетокот на минатиот век гостопримливо прими стотици наши сонародници – офицери, лекари, инженери, професори, свештеници и уметници. Но, покрај тоа, Битола е значаен град за историјата на руската дипломатија: од 1860 година тука функционираше рускиот императорски конзулат, каде дипломати беззаветно и служеле на Русија и истовремено несебично му помагале на локалното население. Од 1901 година, конзулатот беше предводен од Александар Ростковски кој покрај тешката внатрешно политичка ситуација достојно ја исполнуваше својата напорна мисија: патуваше низ словенските села, го поддржуваше христијанското население на Македонија во неговата борба за слобода. Познато е дека Александар Ростковски се залагал за автономија на Македонија. Неговите активности, без претерување, придонесоа за развој на македонскиот национален идентитет. Во 1903 година, по цена на својот живот, ја исполни својата професионална и човечка должност, бранејќи ја честа на својата униформа и својата Татковина – земјата на која искрено и посветено и служеше, рече амбасадорот Баздникин, и додаде:
-“Деновите на Александар Ростковски“ ни овозможуваат не само да го почитуваме споменот на нашиот дипломат, чие име со златни букви е впишано во летопис на руската дипломатска служба, туку уште еднаш да потсетиме дека Русија и Македонија се поврзани со историски, културни и духовни врски, кои имаат длабоки многувековни корени и, убеден сум, ќе издржат сите предизвици.
Пред присутните зборуваше и професорот д-р Александар Стерјовски кој се осврна на животот на рускиот конзул Александар Аркадиевич Ростковски во Битола, неговата смрт, а посебно за спомениците посветени на него, првиот срушен во 50-тите година на минатиот век и денешниот изграден во 2003 година.
Потоа цвеќе положија Амбасадорот на Руската федерација во Македонија – Сергеј Баздникин, во име на Советот на Општина Битола – советничката Марта Георгиевска, претставници на македонско – руско здружение, здружението “Македон“ и претставници на компанијата “Лук Оил“.
И годинава се одржа панихида во Руската црква во Битола.
Споменикот Руски крст е подигнат во 2003 година, сто години од убиството на А.А. Ростковски бил руски конзул и служел во Битола од 1895 година, за време на Илинденското востание, во близина на градскиот парк во Битола.
Регионалното здружение за македонско-руско пријателство „А.А.Ростковски“, традиционално од 2013 година ја одржува манифестацијата со назив „Денови на Ростковски“.
Сашо Ристевски






