Танцот ги спојува дисциплината и грациозноста, ги отелотворува нашите емоции. Со својата убавина не остава без здив и што е најважно, го искажува она кое човекот не може да го каже со зборови.
Ако балетот е олицетворение на класика, отменост и високостилизирана форма на танц, современиот танц е еволуција, занемарувајќи ги традиционалните граници, ставајќи го акцентот на различноста и иновацијата. Како уметничка форма, постојано ги турка границите на своето постоење.
Токму таков револуционерен потфат е и проектот „Потекло“ на Јована Петровска. Станува збор за дипломски испит на младата девојка со потекло од Македонија, која своите студии по современ танц успешно ги заврши во Келн, Германија минатата година. „Потекло“ е многу повеќе од проект, испит, дипломска работа.
Јована Петровска успеа да спои неколкумина талентирани танчари од различни делови на светот. Танчари растени во различни култури, со различни традиции, обичаи и нарави. Петровска, како кореограф и учесник во самата претстава, заедно со останатите професионалци, користејќи го танцот како алатка, ја прикажаа љубовта кон татковината, потеклото и носталгијата кон родниот крај.
На 11 јули 2023, во Центарот за современ танц во Келн, „Потекло“ премиерно стана 30 минутно уживање за сите посетители на Центарот, но и на илјадници вљубеници во современиот танц кои во живо го следеа настапот на социјалните мрежи. Грациозниот перформанс на талентираната Јована Петровска го гледаа многумина, додека во позадина течеше рецитал на иладиновата „Т’га за југ“.
Набрзо по обелоденувањето на „Потекло“, Јована добива покана за учество на семинар на Интернационалниот фестивал за танц во Кјото, Јапонија. А во февруари, македонските танчари имаа уникатна можност да бидат дел од нејзината Работилница за современ танц, на која учествуваа студентите од катедрата за балетска педагогија на ФМУ и учениците од одделот за модерен и класичен балет при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Во јуни 2024, македонската публика имаше специјална можност да го гледа нејзиниот перформанс во живо. Нејзиниот најнов проект со наслов „Твоите мисли не се мои зборови. Твоите зборови не се мои мисли“ зеде учество на „Credance Dance фестивалот на класичен и современ танц во Скопје. Петровска е учесник и автор на концептот и кореографијата, а нејзиниот танц е збогатен со поетско читање на поемата „Разговор“ од Блаже Конески.
Јована Петровска е амбасадор на македонската култура, наследство и традиција преку играта. Нејзината посветеност и дисциплина кон танцот е фасцинантна. Таа е визионер во подем, револуционер во современиот танц и ѕвезда која допрва ќе блеска.
Кратка биографија
Јована Петровска, од мајка од Могила и татко од Скопје, родена е во 2001 година со својата близначка сестра во Скопје. Во 2019 го завршува своето средно уметничко образование, балетски играч во класичен балет во Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски – Луј“, во класата на проф. д-р. Соња Здравкова Џепароска. Патот на образованието ја води во Келн, Германија каде во 2023 година завршува додипломски студии по современ танц во Центарот за современ танц при Факултетот за музика и танц во Келн.
Иако има само 23 години зад себе има бројни учества и награди на различни европски натпревари по класичен балет и современ танц, како и учество на различни работилници, истражувања и танцови проекти, нејзината импозантна биографија може да се проследи на нејзината веб-страна: https://jvnpetrovska5.wixsite.com/mysite . Јована покрај германскиот јазик зборува англиски, турски и шпански јазик.











