Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, денес, 26 август 2024 година, ширум ги отвора вратите за упис на нови студенти во учебната 2024/2025 година на прв, втор и трет циклус студии.
Конкурсите се објавени и достапни на веб-страницата на УКЛО и на веб-страниците на единиците на Универзитетот.
За додипломските студии, на УКЛО има места за 2404 нови студенти. Од нив 1.309 се во државна квота, останатите 679 и 416 се наменети за кофинансирање и вонредни студии.
Заинтересираните кандидати имаат можност да направат солиден избор од широк спектар на специфични профили и од годинава со нова КОЛОРС димензија. УКЛО семејството од повеќе од 4000 студенти се поврзува со уште 120.000 млади луѓе преку COLOURS европската универзитетска алијанса.
Како прва македонска високообразовна институција дел од Алијансата финансирана од Европската Комисија, УКЛО почитува европски вредности, нуди мобилности и избор на предмети, а наскоро и со можност за двојна диплома на деветте COLOURS универзитети.
Првиот уписен рок на УКЛО започнува од 26 до 30 август 2024 г.






