Владата на Република Македонија денеска ја одржа 17. седница, на која донесе следните нови одлуки и именувања. Владата во новите кадровски решенија назначи и двајца директори од Битола.
Пеце Стојковски е именуван за вршител на должноста директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола. Стојковски е дипломиран економист и магистер на науки од областа на јавната администрација. Во досегашниот период има 17 години работно искуство во областа на финансиите и на сегашната позиција доаѓа од местото раководител на одделение за финансиско, сметководствено и материјално работење при Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола. Во својата професионална кариера има учествувано на голем број на домашни и меѓународни проекти (Interreg IPA, Erasmus и др).
Ерол Абдиу е именуван за вршител на должноста заменик директор на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството – Битола.
Д-р Зоран Пејковски, на предлог на министерот за култура е именуван за директор на Културно – информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Република Бугарија. Зоран Пејковски е македонски драмски писател, драматург, поет, сценарист, прозаист, публицист, новинар, театролог и единствен натуралист во македонската литература. Тој е и доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, во 2016 е Почесен амбасадор на мирот, во 2017 година, се стекнува со титулата редовен академик на Чувашката народна академија од Руската Федерација, а во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија. Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.






