Како и се очекуваше вечерва во Битола со полни трибини љубителите на ракометот од нашиот град и околината ја отворија актулната Лига на Шампиони, каде втора година по ред се натпреварува македонскиот шампион, екипата на Еурофарм Пелистер.
Потегот на управата на Еурофарм Пелистер да им даде шанса на битолчани кои имаа и лани сезонски билет, вроди со плод, а на скоро секој чекор, секој агол на двете трибини гледавме и фотографиравме познати лица, битолчани, кои си ги задржаа своите места.
А, противник како што може да посака секој љубител на ракометот во Европа, во секој европски ракометен центар, бундеслигашот Фуксе Берлин, или како се познати насекаде “лисиците“ од Берлин.
Битола е дел од дваесетте ракометни центри каде годинава ќе се игра европски ракомет, а битолчани ќе имаат прилика во живо, или како што вечерва ни рече еден наш сограѓанин, она што го гледавме и го гледаме на телевизија, сега ни е на неколку метри.
Секако младите љубители на ракометот ја искористија приликата да направат селфи со светски познатите ракометни ѕвезди, а со тоа да се пофалат на социјалните мрежи. Вечерва дел од ѕвездите на Берлин, посебно со Матиас Гитсен, откако се качија во брендираниот автобус слегоа и се фотографираа со сите.
Вакви случки гледавме и лани кога влезот беше блокиран од млади битолчани кои ги чекаа Хансен, Пранди, Карабатиќ…
Натпреварот започна со песната „Ако одам во Битола“ испеена од хорот од три илјади битилчани, со развиорени зелено-бели шалови и знамиња, а да очекуваме со оваа песна да се радуваме и титулите на крајот од сезоната.
Фото: Сашо Ристевски, Дамијана Ристевска










