По две години упорност, група ветерани од водечките битолски кошаркарски школи Младост, Пелистер и Јуниор – официјално формираа кошаркарски клуб Конзули, со една цел да започнат да се натпреваруваат во Трета лига.
Играчите самофинансираа дел од операциите и започнаа подготовки за пријавување во лигата, но тоа не е доволно за основните уплати кон Кошаркарската федерација на Македонија, вклучувајќи ги натпреварите, делегатите и стручниот штаб, па затоа клубот се насочи кон барање спонзорства.
Секој играч индивидуално се зафати со наоѓање спонзори, што резултираше со поддршка од неколку локални бизниси. Официјални спонзори на Конзули се Адвокатско друштво Димитровски, Marieli Cakes, Hili Dev, IT Crowd, Градежна фирма Столб и Јавен Адвертајзинг. Овој заеднички напор ја истакнува посветеноста на играчите како на теренот, така и надвор од него.
Иван Илиоски, претседателот на клубот и активен играч, изјави:
-Натпреварите ќе се играат во “Боро Чурлевски“. Тренинг имаме три пати неделно, по час и половина до два. Сите играчи придонесуваат на свој начин. Имаме играчи со прволигашко искуство, па тие ги подготвуваат тренинзите, додека другите се грижат за маркетингот и социјалните мрежи. Секој ја најде својата улога во тимот.
Сезоната започнува на 26 октомври со натпревар на домашен терен.










