По повод Денот на Хрватскиот Парламент во Битола беa изведени претставите „Децата од Павловата улица“ од Ференц Молнар и „Љубов на прв поглед“ од Фадил Хаџиќ, двете во режија на Силвио Стилиновиќ, во изведба на Младинскиот сатиричен театар од Славонски Брод, Хрватска.
Гостувањето беше во организација на МХД Хрватски културен центар “Марко Марулиќ“ од Битола. Ова гостување е во рамките на програмата низ целата година за одбележување на 30 години од постоењето на Хрватскиот културен центар. Присутните ги поздрави претседателот на истиот, Бранко Маретиќ кој истакна:
-Целата наша програма е создадена со цел оние кои ќе дојдат на нашите настани, да се запознаат малку повеќе со хрватското културно наследство, хрватскиот јазичен идентитет. Битолчани и оние од другите градови и општини, преку овие настани можат да се доближат до хрватската култура и начин на живот и да ги видат заедничките карактеристики и однесувања, но и разликите кои ја збогатуваат една култура. И двете се неопходни за развој на дијалогот и разбирање меѓу народите на двете земји, а пред се културна размена и збогатување“.Настанот беше организиран во соработка со општина Битола и Центарот за култура.„Посебно ми е задоволството што и оваа година нашите пријатели од Славонски Брод дојдоа во Битола, нашата соработка трае веќе долги години. Младинскиот сатиричен театар е еден од најнаградуваните во Хрватска и регионот, а самиот аплауз на крајот на овие две претстави во Битола, зборува за тоа колку публиката ги сака. Овој настан го организираме заедно со институциите и поединците кои се исто така наши пријатели. Се надевам дека ќе продолжиме со вакви средби, но и со нови, со реализација на нови проекти меѓу двете земји, особено културни активности, додаде Маретиќ.
Присутните ги поздрави и Стјепан Домјанчиќ, воено аташе при Хрватската амбасада во Скопје.
Сатиричниот младински театар, постои од 2006 година, добитници се на многубројни награди во Хрватска, но и на фестивали надвор од неа. Како што велат самите актери- за нас наградите се доказ дека сме на вистинскиот пат за она што го работиме. Сатиричниот театар со право може да каже дека со своите претстави, културното значење и просторот што го отвора за младите и љубителите на театарот е еден од столбовите на општествениот живот на градот Славонски Брод.
-Би рекол дека нашето доаѓање овде, односно на актерите од Славонски Брод, Младинскиот сатиричен театар, веќе стана своевидна традиција овде во Битола.Се чувствуваме како дома и можам да кажам дека и продавачите веќе не препознаваат. Запознавме навистина голем број луѓе и како што кажав, Битола е навистина наш град и навистина го сакаме. Како што ја сакаме цела Македонија и оваа соработка трае веќе долги години“, истакнува режисерот Стилиновиќ и додава:
-Исклучително ни е драго што во Битола како културно друштво, како театар најдовме соработници, односно културниот центар „Марко Марулиќ“ кој ги обединува и зближува Хрватите во Битола, но и Македонците, односно луѓето, пријателите на културата. Исклучително ни е драго и чест што го имаме за пријател Бранко Маретиќ, кој навистина работи многу за да го поврзе хрватскиот народ и Македонците на овие простори, односно сите народи кои живеат во оваа мултикултурна средина.
На хрватската вечер присуствуваа членови на Македонско-хрватското друштво, на дипломатскиот кор на Битола, членови на други здруженија од Македонија, од Охрид, Струга, Скопје, Хрвати кои живеат во Битола, градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски, претставници на Католичката црква во Битола, вљубеници во хрватската култура и други.
Хрватскиот културен центар од Битола во изминатите 30 години соработуваше со сите релевантни институции од Македонија и Хрватска.






