Најновата премиера во Битолскиот театар, трета по ред за сезона 2024/25 е “Ричард III“ од Вилијам Шекспир, по превод на Драги Михајловски, а во режија на Мартин Мирчевски, која за закажана за утре, 25 октомври. Се работи за независна продукција, во соработка со Народниот театар во Битола.
Директорот на НТБ, Васко Мавровски ја најави утрешната приемиера пред новинарите, на прес-конференција која се одржа денес на сцената на која и ќе се игра претставата “Ричард III“ при што рече:
-Пресот е посверен на третата премиера по ред во оваа театарска сезона, која е во рамките на нашата прослава 80 години народен театар Битола. Станува збор за претставата “Ричард III“ во адаптација и режија на нашиот колега Мартин Мирчевски. Ова е проект кој е добиен како независна продукција, Мартин си аплицираше во Министерство за култура, а НТБ и склучено договор за соработка и целосно се вклучивме во подготовките на претствата и ние се копродуценти. Мартин е наш колега на кој што ова не ми е прва претстава, а прва беше “Ревизор“. За мене ова е едно од најдобрите дела на Шекспир “Ричард трети“.
Мартин Мирчевски кој ова му е трет пат да режира претстава на прес конференцијата рече:
-Ова е трет пат јас да наоравам режија иако не сум завршил за режисер. Зошто, “Ричард III“, јас имам потреба да изградам дело, а кај мене доста долго време созреваше идејата за “Ричард III“, многу години, со многу верзии за “Ричард III“, а ја реализиравме идејата која беше сега, без тоа да трае вечно. Јас имам потреба да изградам некаков свет на сцената, да ги воведам гледачите, ние, јас, актерите и сите други да бидеме архитекти на некаков свет. Мислам дека театарот треба да се занимава со градење на светови. Театарот е возбуда, театарот е страст, кога ќе дојде публиката тука треба да плаче, да се смее, да поттикнеме емоции. Нашите претстави треба да ја вратат публиката, треба емотивно да ги допреме луѓето. Се занимаваме со човечката природа, со нашата темна и светла страна. Главното прашање е: Зошто имаме потреба да се самоуништуваме ние како вид?
-Во секој од нас постои некаков Ричард. Се поставуваат прашањата: зошто ние како луѓе имаме толку самоуништувачки нагон, сопствениот вид да го сотреме, дали постои некаде во природата некое друго суштество што толку има потреба себеси да се самоуништи? Ние всушност не живееме, ние преживуваме.Треба да се запрашаме колку се гледа некоја хуманистичка перспектива меѓу луѓето, дали гледаме само за себеси, дали нешто не интересира од нашиот тесен круг, дали само ние ако сме среќни, а другите околу нас не се, дали сме ние потполно среќни. Јас мислам дека не сме. Затоа што на тој начин не ја делиме нашата среќа со другите. Во претставата се занимаваме со лицемерието, полтронството, каде се лошите луѓе? Тие се тука меѓу нас, рече Мирчевски и додаде:
-Претставата пренесува порака дека мора да направиме некаков чекор, да се бориме за својата слобода, потполна слобода како луѓе да одлучуваме. Треба да размислиме дали таа темна и светла страна во нас е вродена или се учи во текот на животот. И Ричард трети некогаш бил бебе, и најголемите убијци се родиле како најслатки наивни бебиња. Дали околностите во светот не прават да бидеме вакви какви што сме, или исконски во нас тлеело нешто такво.
Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски.
Викторија Степановска-Јанкуловска за својата улога рече:
–Долго разговаравме со Мартин за оваа негова идеја и навистина ми е драго дека некаков негов сон, утре публиката ќе има прилика да го види, а ние со него, некако го оживеавме. Што се однесува мојот лик, јас ја играм лејди Ана, она пто треба да биде најчистиот лик, но како што спомена режисерот во секој од нас живее по еден “Ричард трети“. Токму лејди Ана е еден пример како најдобрата, чиста душа во еден момент го добива тој ѓаволски призвук и уште еден пример за тоа дека човекот во својата природа можеме да одиме до крајности. Станува збор за жена која губејќи го сопругот, го губи идентитетот, нешто е актуелно и сега како тема.
Маја Андоновска – Илијевски на прес конференцијата рече:
-Мене ми е втора соработка со Мартин како режисер, работевме заедно на Ревизор претходно, кога бевме млади и надежни. Во изминатите 12-13 години се поминати од премиерата, па затоа и ние колку да се доживуваме театарски млади ние сме созреале, но и човечки. Претставата мене ми се допаѓа многу зошто избега од рамките на Шекпсир, не се занимава со историјата, со семејствата, со Лондон, со Англија… ова е “Ричард трети“ кој се занимава со секоја земја, а се занимавама со човечкиот интегритет. Јас го играм ликот на војвотката, мајката на Ричард, и беше голем актерски предизвик да ја претставам мајката која го раѓа најголемиот убиец на едно време, или како таа мајка е амнестирана или не. Се поставува прашањето кои се тие ликови на Ричард трети, кои сме ние денес.
Илина Чоревска за својата улога рече:
-Просторот е безвременски, како што всушност се човековите мани и доблести, тоа е простор кој што не е ограничен ниту локализиран на нашата земја, ниту на некоја соседна, туку напротив универзален простор на кој што може да се раѓа злото и доброто. Театарот ја има таа можност. Претставата е многу актуелна и тоа е за мене единствената задача на театарот, да се прават претстави кои говорат нешто за времето во кое живееме. Јас оваа година одбележувам 20 години од мојата прва професионална претстава, еве се поклопува со јубилејот на театарот, првата претстава беше токму со Мартин како партнер на сцената. Го играм ликот на Елизабета, една жена која е моментално на тронот, но скапо ја плаќа цената за тоа.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија Андреј Ѓоргиевски – Папаз, (благодарност до Марија Пупучевска), светло-мајстор Игор Мицевски, тон-мајстор Николче Терзиевски, а шминката и специјалните ефекти се на Стефанија Илиевски.
Текст и фото: Сашо Ристевски











