-“Музејската збирка на костими како инспирација за современ дизајн, мода и костимографија“ беше темата на предавањето на Мицевски костимограф и режисерод Битола .
Синоќа пред многубројната публика во Битолската Магаза предавање одржа нашиот најпознат костимограф и режисер од Битолскиот Театар, Благој Мицевски.
Истото е дел од проектот “Моја инспирација“ што го раководи Наде Брачиќ од Музејот во Битола а се состои од повеќе предавања и работилници на тема “Музејската збирка на костими како инспирација за современ дизајн, мода и костимографија“ во која зедоа учество повеќе наши познати уметници.
Благој Мицевски на прилично непосреден и емотивен говор од еден час не поведе низ неговата кариера и искуства работејќи како костимограф во огромен број театарски претстави, опери, балети и филмови како и модни колекции.
Рече дека збирката во Музејот е од непроценливо значење за идните дизајнери затоа што станува збор за ретки артефакти од кои може навистина да се види што носеле луѓето во почетокот на минатиот век и малку пред тоа. Уште поважно е дека може да се видат материјалите од кои се изработувале, кроевите и занаетот потребен за така да се изработи едно парче облека.
Во својата работа многупати до сега реинтерпретирал народни носии и облеки од почетокот на минатиот век , но создавал и современи креации кои ги комбинираат и двете инспирации.
Покрај за професионалци оваа збирка е од особено значење за идните дизајнери како учениците од средното текстилно училиште со кои соработувал повеќе пати а своето знаење го пренесува на студентите по танц и кореографија на универзитетот “Гоце Делчев“ и модниот институт “Изет Цури“.
На Наде и посака да успее во намерата да направи постојана музејска поставка на колекцијата која несебично и макотрпно ја одржува но и најави дека веќе имаат идеја за идна соработка за идната година во форма на уметничка инсталација од облека исто така поврзана со нашата традиција.











