Press "Enter" to skip to content

“Лидери на промените: вечер со жени во бизнисот“, со оваа тема Советот за женско претприемништво ја одбележа годишнината (фотогалерија)

„Лидери на промените: вечер со жени во бизнисот“, беше темата со која Советот за женско претприемништво на општина Битола ја одбележа годишнината од формирањето. Целта на вчерашниот настан беше да се промовираат жени кои работат со цветни аранжмани, декорации, кетеринг, пекарски производи, торти, колачи и еколошки декоративни свеќи. Наташа, Невенка, Мирјана, Весна и Антула, сопственички на цвеќарите Витраж, Гондола, Мирјантон, Кремисимо и Студио декор ЕКВ на особено инспиративен и креативен начин ги декорираа масите, давајќи посебна убавина на просторот во Белата Куќа хотел бистро.Белата Куќа хотел бистро изгледаше беспрекорно, декорирана со вештите раце но и возбудлива креативност на прекрасните сопственички на мали бизниси во Битола. Но, декорациите, без храната на пицеријата Метро, пекарските производи на МИ ГО Ком, тортите на Мариели и чоколадините бомбони Сиси немаше да ја има таа посебна убавина. Јасмина, Емилија, Маре и Марија преку своите производи кои ја збогатија кетеринг масата покажаа како е да се стане и остане конкурентен на пазарот денес. Како посебен декор на секоја маса, беа украсните и декоративни еколошки свеќи на ММ Креатионс. Марија преку својата успешна приказна, покажа како е да се практикува концептот на циркуларна економија.Советот за женско претприемништво е формиран на 23 октомври 2023 година и во текот на годината реализираше бројни настани, промоции, обуки и дискусии во чија основа беа жените претприемачи. Но, најголеми поддржувачи на Советот во текот на изминатата година беа млекара Вемилк, печатница Графо Пром и КС Групацијата, Голд Фелиција. Нивната поддршка е присутна на секој настан на Советот за женско претприемништво на општина Битола.  Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски ги поздрави присутните, истакнувајќи дека преку ваквите промоции се поттикнуваат и охрабруваат жените да отворат свој сопствен бизнис. Исто така, истакна дека општина Битола и понатаму ќе продолжи да го поддржува ваквиот начин на промоција на женското претприемништво во Битола. На настанот, исто така, присутните ги поздрави и претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, која ја истакна важноста за поддршка на жените претприемачи во Битола.Ана Ристевска, претседател на Советот за женско претприемништво истакна дека ова е прв пат на еден ваков иновативен начин да се промовираат жени од бизнисот, но, целта на Советот за женско претприемништво е да се поттикнува претприемачкиот дух кај жените, како и да се охрабруваат жените да се обидат со свои бизниси. Ристевска истакна дека Советот за женско претприемништво ќе продолжи активно да делува со свои иницијативи и идеи кои значат поддршка на жените во бизнисот.Жените кои се погрижија да го разубават секој момент од настанот, синоќа покажаа дека претприемачите се личности кои се храбри да преземат ризик за да можат својата идеја да ја претворат во реалност. Но, тоа немаше да биде толку убаво ако не ги поседуваат потребните карактеристики на личноста која има свој сопствен бизнис како: визија, поседување знаења и вештини, храброст и флексибилност, самодоверба, одлучност, енергија, доследност, оптимизам, иницијатива, иновативност и креативност, ориентираност кон резултати итн.

Фото: Дамијана Ристевска