Press "Enter" to skip to content

Тони Петрушевски, директор на РЕК Битола: се призведува струја со трите термоблокови, раскинат договорот со „Марковски Компани“

Тони Петрушевски, директор на РЕК Битола со изјава за медиумите се осврна на две работи, за вклученоста на трите трите термоблокови и производство на струја со максимален капацитет и за едностраното раскинување на договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со фирмата „Марковски Компани“, во која се вели:

-РЕК Битола од вчера, 4 декември, произведува електрична енергија со трите термоблокови, односно со максимален капацитет. Меѓу предизвиците со кои се соочи актуелното раководство на Комбинатот беа катастрофалната состојба во постојните рудници без откривка на јаглен, несоодветно направени ремонти или воопшто неизвршени техничко технолошки зафати во пресрет на грејната сезона и увоз на скап и неквалитетен јаглен. Со натчовечки напори и ангажман на вработените, за краток период е оспособен за работа термоблокот „Битола 1“, со цел, со оглед на фактот што не подлегнал на редовен годишен ремонт, колку што е возможно, да помогне во зголемување на домашното производство на електрична енергија и да придонесе кон енергетската стабилност на државата во пресрет на зимата.

-Еден од предизвиците со кои се соочивме во изминатиот период е реализацијата на јавните набавки и затекнатите договори со надворешни фирми кои се ангажирани за ископ на јаглен и јаловина во рудниците во Комбинатот. Имено, затекнати економски оператори подолг период манифестирале непочитување на договорните обврски по сите основи, притоа грубо прекршувајќи ги одредбите од договорите кои ги имаат склучено со РЕК Битола.  Еден од таквите примери е односот на ангажираната фирма „Марковски компани“.

Во оваа прилика би сакал да информирам дека подружница РЕК Битола еднострано го раскина договорот за ископ на јаглен и меѓуслојна јаловина со фирмата „Марковски Компани“ поради несовесно и неквалитетно извршување на преземените обврски. Со раскинувањето на соработката активирана е и банкарската гаранција во износ од 120 милиони денари поднесена од предметната фирма.

Носителот на набавката не ги испочитува предвидените обврски за одговорно, целосно, стручно, квалитетно, совесно и навремено извршување на задачите согласно техничката спецификација. Овој економски оператор, со неодговорно постапување, покрај тоа што во континуитет не успевал да ги испорача договорените количини на јаглен, директно ја загрозил енергетската стабилност на државата. Во тој контекст, со несоодветна динамика за отстранување на јаловинските маси ја нарушил геомеханичката стабилност на рудникот Брод Гнеотино. Поради неиспорачаните количини и кршењето на договорните обврски од страна на предметниот оператор, РЕК Битола бил принуден да врши дополнителна набавка на јаглен за да овозможи стабилна и континуирана работа на блоковите во ТЕ „Битола“.

За да биде појасно, би сакал да посочам дека на раскинувањето на соработката претходеа опомени и укажувања од раководството на РЕК Битола, дека операторот не ги реализира договорните обврски според утврдениот обем, динамика и квалитет. Но и покрај укажувањата, продолжи несериозниот однос преку флагрантно кршење и непочитување на договорените обврски. Станува збор за договор склучен на 13 февруари годинава чие извршување престанува да важи согласно член 15 според кој една од страните може да го раскине пред истекот на важноста, доколку другата страна не ги извршува договорните обврски.