Последниот меѓународен натпревар во кошарка во Битола во рамките на АБА2 лигата, кошаркаркиот клуб Пелистер го “искористи“ да додели плакета за долгогодишна соработка на капетан Тони Решњак.
Поводот е заминувањето на Решњак во пенција, кој веќе 30 години како полициски службеник работи на обезбедување на спортските натпревари, а вчерашниот натпревар е еден од последните натпревари на кој ќе го води полициското обезбедување во спорската сала.
-Плакетата ја доделуваме како знак на благоданост за капетан Тони Решњак за соработката со него и секако со СВР Битола за безбедни натпревари, за гледачите и кошаркарите. Посебно не радува тоа што Решњак е “дифовец“ и долгогодишен спортист со значајни резултати во џудо, како и спортски резултати во рамките на полициските натпревари. На Тони Решњак му посакуваме долга пензија, а вратите на КК Пелистер се секогаш отворени за него, рече директотор на КК Пелистер, Филип Ивановски.
Тони Решњак не го криеше задоволството заради вниманието од клубот кон него и рече:
-Јас бев дел од полициските службеници кои ги обездуваат спортските натпревари во фудбал, ракомет и кошарка веќе 30 години од 1994 година, во Битола и на некои гостувања. Иако сум дел од полицијата, како спортист и битолчанец сум се радувал на успесите на клубовите и секако ми било мака кога се губело. Сакам да искажам големо фала на кошаркарскиот клуб Пелистер за вниманието кое на ваков начин, со доделување на плакета, ми го искажаа, што за мене беше и големо изненадување. Сакам на КК Пелистер да му посакам успешна сезона, и уште многу сезони понатаму да ги радува битолчани, а и мене бидејќи од 1 јануар 2025 година ќе бидам на секој натпревар на трибините, како цивил, пензонер, со мојот син.
Инаку, капетан Тони Решњак официјално заминува во пензија на 1 јануари 2025 година, откако ќе работи на обезбедување на прославата за Нова година, кај Офицерски дом, до 24 часот.
Текст и фото: Сашо Ристевски








