Пеколниот ритам на натпревари на Пелистер продолжува со денешниот дуел на домашен терен во Битола против ТФТ што ќе се игра во невообичаен термин, во 12 часот поради подоцнежната зафатеност на салата „Боро Чурлевски“ и боксерскиот турнир што ќе се одржи во битолскиот спортски храм.
-Свесни сме за значењето на овој натпревар и подготвени сме да дадеме се за да стигнеме до победата. ТФТ е тим што игра кошарка со многу енергија, наше ќе биде да им одговориме на идентичен начин. Ќе мораме да играме брзо, со многу трчање и со силна енергија и во нападот и во одбраната. Фактот дека тие исто така играат брза кошарка нема да ни претставува проблем, покажавме дека добро се снаоѓаме со такви ривали и дека добро ги казнуваме ситуациите во раната фаза од нападот. Многу важна ќе биде нашата одбрана, ако успееме да ги запреме нивните главни играчи ќе завршиме голем дел од работата за на крајот да се радуваме на победата, изјави Никола Мишковиќ, српскиот интернационалец кој е еден од лидерите на КК Пелистер оваа натпреварувачка сезона.









