Битолскиот театар во последните три месеци успеа да реализира седум премиери на театарски претстави, успеа да ја зголеми посетеноста на изведбите, успеа да го врати театарот на публиката.
Директорот Васко Мавровски за сите проекти кои беа реализирани во периодот од
неговото именување за директор на Народниот театар Битола од 4 септември вели:
-Успеавме нашите театарски сали да бидат исполнети до последно место, за 30 проценти зголемена е посетеноста на сите претстави. Благодарност за целиот тим на Битолскиот театар, кој веруваше и верува во мотото “Театарот повторно твој“. Работиме се со цел да го вратиме театарот каде некогаш беше, и додава:
-Започнати се и проектите за унапредување на условите за работа, завршивме со проектот дигитализација на репертоарот, набавен е софтвер за дигитално архивско работење. Тука е и трајната постановка на наградите и признанијата, во завршна фаза е видео надзорот со кој се заштитува сопственоста на Народен театар Битола. Ќе имаме видео снимки од театарските претстави, се реновираат многу простори каде актерите работат во текот на подготвување на претставите. Со други зборови успеавме за многу кратко време да направиме многу работи и сум горд на вработените на театарот кои во ниту еден момент не ме оставија сам да ги придвижам овие работи.
За следната година Мавровски најави фокусирање на претстави на македонски автори и режисери.
Ќе биде изведена претставата по текст на Игор Кузмановски, „Жиголо“, во режија на Благој Мицевски кој е и костимограф на претставата, композитор Марјан Неќак, сценограф Сергеј Светозарев. Премиерата ќе биде на 1. март и тоа ќе биде првата премиера на НТБ за 2025, и е реализирана со сопствени средства.










