Деновиве библиотеката на Гимназијата “Јосип Броз Тито“ во Битола доби магичен изглед. Во неа група ученици од четврта година се подготвуваа за новогодишната претстава која ја спремаат веќе трета година по ред за која напишаа и свое сценарио. Темата за оваа година беше популарниот лик од филмот “How the Grinch Stole Christmas“ и нивната претстава го носеше името “Гринч и петте џуџиња“. Претставата беше дел од свечениот чин на доделување на новогодишните пакетчиња на вработените од Гимназијата во Битола.
Најмалите со воодушевување се соживеаја со учениците – актери кои ги пренесоа популарниот лик Гринч кој ги кради нивните поклони за Новата година.
Една таква возбудлива вечер се одигра и на 27.12. 20234 година во библиотеката на СОУ Гимназија “Јосип Броз Тито” во Битола. Под менторство на професорката Николина Ѓуровска по македонски јазик и литература и професорот по право Зоран Ѓуровиќ заедно со ученицте од четврта година приредија инспиративна и поучна претстава за дечињата на професорите од Гимназијата. Детските широко отворени очи и стегнати рачиња само потврдија дека претставата беше со оригинален наратив и одлично припремена и избалансирана со добро одиграни улоги во кој учениците го покажаа својот талент и чувство за сценски настап. Професорката Николина Ѓуровска за тоа вели:
– Идејата за претставата беше предложена од страна на неколку ученици од четврта година, се разбира од моја страна таа идеја беше прифатена. За подготовките на претставата нам ни беше потребен краток период, бидејќи имавме организирана тимска работа. Моите ученици сериозно пристапија кон подготовките и одлично се координираа. Оваа претстава успешно ја изведивме и ги усреќивме најмалите и најмилите наши гости.
Народната вели дека крајот го краси делото и како што и обично бива за оваа прилика после многу неизвесност во текот на претставата беше пронаоѓањето на крадецот на подароците и доделувањето на истите. Ова беше само уште еден блесок на учениците од Гимназијата “Јосип Броз Тито”во обидот и децата и возрасните да се оддалечат од секојдневието и да влезат во непрегледното подзаборавено пространство на сопствените фантазии.
Претставата ја подготвија учениците: Јана Мојсоска, Дамијана Ристевска, Изабела Кенковска, Ангела Ивановска, Михаела Лазаров, Борис Граматковски , Михаел Дурловски, Спфија Трајановска, Анѓела Екимовска, Марија Насевска и Сања Лазаревска. Како техничка поддршка Бисера Наковска, шминка Алејна Сулејмановска и Теона Петровска и драматург на текстот заедно со професорката Николина Ѓуровска ученичката Илијана Питошка сите ученици во четврта година. 
Текст и фото: Дамијана Ристевска










