По повод Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ги избра најдобрите и најзаслужни научници во академската 2023/24. Ректорскиот колегиум на УКЛО врз основа на извештај од Работна група за проверка на пристигнати пријави за избор на најдобри научници на УКЛО за академската 2023/24 г. ги објави своите најдобри научници. Д-р Марија Бошевска член на УКЛО Мрежата го освои второто место во категоријата Најдобар научник на УКЛО.
УКЛО втора година по ред продолжува со избор на најдобри научници на Универзитетот? Како гледате на промоцијата на науката на УКЛО и значењето на научната дејност за општеството?
-Конкурсот за избор на најдобри научници на УКЛО претставува одлична иницијатива која веќе втора година по ред дава можност за афирмација на постигнувањата на научниците, како и мотив повеќе за остварување на што повисоки научни цели. Со вакво промовирање на најуспешните научни достигнувања од страна на УКЛО, се дава признание на вложениот труд на истражувачите коишто успеале да постигнат врвни резултати во претходната академска година, и тоа токму онака како што заслужува еден научник. Сметам дека за секој научник, најголемо признание е токму признанието од неговите соработници и колеги, коишто знаат колку е макотрпна научната работа и колку вложувања се потребни за добивање на нови научни резултати во денешно време. Тоа го нагласувам бидејќи со современите информатички технологии научните откритија станаа достапни за сите, а науката стана меѓународно етаблирана. Со ова и предизвиците на научниците станаа поголеми и секако потешки, условени од сè поразвиените светските научни текови. Истовремено, како член на УКЛО мрежата, сметам дека иницијативата на УКЛО за формирање на УКЛО-мрежа која вклучува и надворешни соработници-истражувачи е навистина за секоја пофалба. На овој начин се отвора можност да се препознаат научниците и нивните достигнувања и надвор од рамките на УКЛО, што дополнително ја збогатува, веќе докажаната, интелектуална научна структура во високото образование. Така, отворајќи нова перспектива за сите истражувачи, неоспорно е дека УКЛО на најдобар начин ја промовира науката, овозможувајќи им на сите вистински вљубеници во науката да ги прикажат резултатите од својата научно- истражувачка работа. Со ова, УКЛО овозможува поврзување на научниците од сите општествени сфери, развивање на силна интелектуална соработка, размена на искуства и идеи, што пак води кон понатамошна стручна и научна надградба, а со тоа и до подобри следни научни остварувања.
Кое е Вашето поле на научна опсервација и воедно, најважното научно достигнување во оваа академска година?
-Во рамки на изработката на мојот докторски труд на Факултетот за Биотехнички науки во Битола, имав можност да проучувам научна област којашто кај мене предизвика исклучителен истражувачки интерес, а тоа е третирањето на храната со јонизирачко зрачење. Проучувајќи ја иновативноста на оваа технологија за зачувување на безбедноста на храната, и самата се изненадив какви можности и перспективи отвора ваквиот начин на обработка на храната и колку е истата прифатена и применувана во многу развиени земји. Би споменала само неколку од апликативните предности на оваа метода и тоа: продолжување на рокот на храната, зачувување на нејзината безбедност со спречување на развој на микроорганизми во неа, стерилизација на храната која има посебна намена, спречување на губитоците кај храната складирана подолго време, дезинфекција и дезинсекција на храна која е увезува, и многу други. Имајќи ги предвид сознанијата за штетните ефекти на конзервансите коишто вообичаено се додаваат во многу прехранбени производи, третирањето на храната со јонизирачко зрачење сé повеќе се наметнува како одлична алтернатива за тоа. И не само тоа.. Од бројните можности на оваа технологија особено се издвојува стерилизацијата на храната која е наменета за имунокомпромитираните пациенти, коишто се соочуваат со тешки заболувања. Одлични примери каде што оваа технологија може мошне успешно да се применува се и третирањето на зачините и зачинските растенија коишто се редовно микробиолошки оптеретени, како и на житата, коишто после жетвата се подложни на развиток на одредени видови мувли и инсекти. Поврзано со последниот пример, јонизирањето како постапка е одлична замена за користењето на хемиски средства за фумигација на житата, кои пак се штетни не само за самото жито туку и за животната средина, а во многу земји во светот и строго забранети. Од сето ова, сé поизвесно е дека во иднина, традиционалните технологии за безбедност на храната ќе бидат заменети со нови, иновативни и побезбедни за човековото здравје и благосостојба. Истовремено, ова ќе даде придонес не само за благосостојбата на човештвото туку и на сé поголемата потреба од зачувување на животната средина т.е нагласената неопходност за одржлив развој на глобално ниво. Во овој контекст, мое значајно достигнување во оваа академска година, за кое го добивам и ова признание, е објавувањето на дел од резултатите од мојот докторски труд во престижното списание Food control од издавачот Elsevier.
Знаејќи дека моите резултати се нов научен податок за ефектите на јонизирачкото зрачење врз микробиолошкиот профил на пченицата (Triticum aestivum L.), настојував да бидат публикувани во списание со високо научно влијание. Притоа, на мое големо задоволство, рецензентите од споменатото списание ја потврдија научната важност на моите резултати истакнувајќи дел од нив како нов податок во науката. Ова е истовремено и потврда за научниот потенцијал кој го имаме и ние, научниците во нашата држава, пришто, претставува особена гордост кога истакнати научни имиња од светот ги цитираат нашите резултати согледувајќи ја нивната научната важност.
Може ли да ни кажете повеќе за вашиот следен предизвик?
-Мојот следен предизвик на кој веќе работам е публикување на резултатите за детекција на третирањето на пченицата со фотостимулирана луминисценција и термолуминисценција, што исто така претставува новина во методите за докажување на тоа дали одредена храна била третирана со јонизирачко зрачење или не. Морам да нагласам дека ова е особено важноза секоја држава, бидејќи иако третирањето на храната со јонизирачко зрачење е докажана безбедна постапка, сепак мора да постои контрола на ваквата храна. Тоа првенствено произлегува од правото на потрошувачите да бидат информирани за тоа дали храната која ја консумираат била третирана со јонизирачко зрачење или не, а истовремено и на самите власти кои мора да го следат увозот на ваквата храна. Поради тоа, секоја држава, мора да поседува сигурни аналитички методи со кои ќе се следи тргувањето со ваквата храна. Во тој контекст, во многу земји во светот користењето на јонизирачкото зрачење е сосема легално и одобрено во комерцијални цели, но голем дел од државите немаат постапки за детекција на увезената храна која била третирана со јонизирачко зрачење. Тоа резултира со можноста голем број производи да бидат легално третирани со јонизирачко зрачење, но увезени во земјите коишто не го дозволуваат тоа. Ова јасно покажува дека помеѓу различните земји во светот постојат бројни разлики во однос на усогласеноста на регулативите, особено во однос на типот на храната којашто смее да се зрачи, дозите коишто притоа се применуваат, како и начинот на означување и тргување со ваквата храна.
Во овој контекст, би сакала да истакнам дека овие испитувања се направени во Лабораторија за радијациона физика (Рад-Лаб) при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ-Скопје), а во соработка со Институтот за нуклеарни науки-Винча во Република Србија. Во оваа прилика упатувам јавна благодарност до двете институции, особено до научниот кадар во Лабораторија за радијациона физика, коишто се пионери во воведување и проучување на примената на јонизирачкото зрачење во нашата држава. Од сето ова, мојот најголем предизвик е да ги продолжам истражувањата во оваа област и искрено се надевам дека нашите раководни научни институции ќе го препознаат и ќе го задржат во сопствената држава, научниот потенцијал којшто го поседуваме и ние, истражувачите коишто не сме дел од високото образование.
Во меѓувреме, секојдневен предизвик ми е работата со моите ученици во средното медицинско училиште во Битола, „Д-р Јован Калаузиˮ, каде повеќе од 25 години посветено работам на едукација и воспитување на средношколските генерации. Еволуирајќи како наставник, сè повеќе се трудам да им побудам на учениците љубов кон учењето и науката, паралелно со континтинуирана работа на развивање на нивните вештини, способности, но и вистински вредности и ставови со кои ќе се инкорпорираат во научните текови. Сеќавајќи се на моите наставници и професори кои кај мене развивале мотивација за работа, учење, напредување и постојана надградба, настојувам и јас на таков начин да ги усмерувам идните генерации на правиот пат, кој води кон здрави, стабилни и успешни поколенија.
Што според Вас значи да се биде научник и што треба да се направи за да се овозможи попродуктивен научно – истражувачки процес од кој ќе произлегуваат најквалитетни научни трудови?
-Да се стане научник е долг, интензивен, континуирано-мотивиран, аподиктички и пред сè морален процес. Сметам дека развитокот на еден научник е синергија помеѓу неговиот личен афинитет (во поглед на неговите интереси, мотиви и идеи), со развојот, напредокот и глобалните цели на општеството. Притоа, дискурзивноста, доследноста и особено моралниот печат, се особините коишто мора го красат вистинскиот научник. Истовремено, континуираниот истражувачки елан и истрајноста во сите пречки и потешкотии при научната работа, се предзнак и сигурен пат до научниот успех. Бидејќи науката е непресушен извор на нови откритија и сознанија, сметам дека вистинскиот научник треба да се стреми кон сè пооригинални пристапи во истражувањата, следејќи ги постојано новите светски трендови и откритија. За попродуктивен научно-истражувачки процес кој резултира со квалитетни научни трудови, би ја нагласила неопходноста од неколку предуслови и тоа:
– добра социо-економска платформа со ресурси за реализација на што поквалитетни научни истражувања, чии оригинални резултати ќе имаат апликативен карактер во глобални рамки;
– препознавање на потенцијалот на истражувачите од сите општествени сфери и поттикнување на нивна соработка со научните институции, т.е кохезија на научниот потенцијал на државата, а со тоа и нејзина афирмација на меѓународен план;
– следење на светските трендови во поглед на сé понагласената потреба од зачувување на природните ресурси и усмерување на научните истражувања во контекст со нивна еколошката применливост; и
– континуирано лично надградување и усовршување на секој научник во поглед на поставените истражувачки цели, истрајност во нивната реализација и секако презентирање на постигнатите резултати во еминентните научни списанија.
На крај би ја нагласила констатацијата дека едно научно истражување е комплетно само тогаш кога резултатите од него ќе бидат објавени и прикажани пред научната јавност. Истражувањата веќе одамна не се изведуваат единствено за да се задоволи интересот и љубопитноста на истражувачот, бидејќи научните резултати својата функција ја исполнуваат само тогаш кога ќе станат достапни за јавноста. Во науката важи правилото “publish or perish”, што значи дека ако нешто не е објавено, исто како да не постоело. Според тоа публикувањето на научните резултати е обврска на секој научник и секако награда за неговиот потенцијал, оригиналност, креативност и вложен труд.






