И оваа година во Битола се одржа Бадниковта поворка на која учествуваа околу пет илјади деца кои ја пееја божикната песна “Вечниот бог“ и носеа ѕвезди кои сами ги изработија, навестувајќи ја Божикната ноќ кога е роден Исус Христос.
Бадниковата поворка започна на плоштадот “Магнолија“ во Битола каде беше испеана песната “Вечниот бог“, а потоа децата беа во црквата “Св. Димитрија“ во Битола, каде добија и благослов.
Потоа Бадниковата поворка започна да се движи до Офицерскиот дом, преку Широк Сокак, каде децата беа поздравени од битолчани кои направија шпалир за да се движат.
-Бадниковата поворка од Широк сокак до Офицерски дом, а песната “Вечниот бог“ ечеше од грлата на децата низ Широк Сокак, и беше полна со искреност и љубов, изјави, Јасна Николовска, организатор на манифестацијата и додаде:
-Низ годините покажавме дека организираме најмасовна поворка на која секогаш и овој пат дечињата порачаа дека по љубовта препознаваат дека сме Христови. Сакаме мир, сакаме љубов, сакаме да нема нетрпеливост и да има простувања. Прекрасен беше овој ден во Битола.
Пред платото кај Офицерски дом, Бадниковата поворка ја пречека градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој ги поздрави децата и организаторите и рече:
-Нека ни е за многу години денешниот предвесник на Христовото раѓање Бадник, со љубов и радост во срцата, да го дочекаме утрешниот ден, денот на Христовото раѓање, Божиќ. Да си подадеме рака на доверба, почит и љубов. Во очи на Божиќ завршува овогодинешното издание на Зимската приказна која оваа година го исполни градот со многу среќа, радост и детски насмевки изминатите 18 дена. Празниците живеат во Битола.
Пред присутните кај големата Бадникова пештера се обрати и еден од организаторите, заслужен за одржување на оваа сега веќе традиционална Бадникова поворка, Кире Божиновски:
-Со помош на Господ, многу народ се собра денес на Широк Сокак, а многу народ ја поздрави годинашната Бадникова поворка, на која ги носиме ѕвездите. Но, вие децата кои сте со нас сте главните ѕвезди, и не само денес туку 365 дена во годината. Вие децата, заедно со нас, ја пееме Бадниковата песна, “Вечниот бог“, а таму се вели дека Мајката владичица спаси ги Христијаните, но ние сакаме да има мир во целиот свет, и да се спаси целиот свет, а и ние возљубени чеда во Господа. Затоа на сите ви благорам за учестото во Бадниковата поворка, а до година да биде уште повеќе.
Пред Офицерски во рамки на програмата пред Офицерски дом настапија црковниот хор Свети Спилијан и деца учесници на Бадниковата поворка.
Како дел од свечената програма свој настап имаа нашите учесници на детската Евровизија Ана Ванчевска и Алексеј Ивановски, детскиот црковен хор “Св. Стилијан“ со изведба на црковни псалми и неколку солисти кои за крај ја изведоа песната “Вечниот Бог“.
На крајот Општина Битола подели над 1000 празнични пакетчиња на дечињата кои беа дел од бадниковата поворка.
Фото: Дамијана Ристевска






