Press "Enter" to skip to content

По седум години пауза Битола ќе биде домаќин на репрезентативен ракометен натпревар!

На иницијатива и по апликација до Ракометната федерација на Македонија, од страна на женскиот ракометен клуб Пелистер со поддршка на Општина Битола, по пауза од скоро седум години, Битола и салата “Боро Чурлевски“ ќе бидат домаќини на еден натпревар од ракометен репрезентативен карактер!

Станува збор за реванш средбата од баражот за Светското првенство во Холандија и Германија меѓу женските репрезентации на Македонија и Полска.

-Соодветните услови во спортската сала „Боро Чурлевски“, каде е обезбедено греење и можности за одржување на натпревари од репрезентативен карактер, повторно после седум години ќе овозможат Битола да биде домаќин на македонската репрезентација во ракомет, велат од Општина Битола.

Натпреварот е закажан за 12 април со почеток во 19:00 часот, а претходно избраничките на Кристијан Грчевски ќе играат во Полска на 9 април. Македонија играше на две ЕП во низа, а последен пат на Мундијал настапи во 2007 година во Франција.

Машката и женската репрезентација на Македонија долго време играа само во Скопје, но на 1 март се менува раководството на РФМ, па репрезентациите ќе ги играат своите мечеви и во другите градови, кои ги исполнуваат условите за репрезентативни дуели.

Откако на 25 октомври 2018 година, машката селекција играше и победи против Турција во квалификациите за ЕП 2020, сега Битола ќе ја пречека и женската репрезентација.

 
More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »