Денес на ски патеката “Копанки“ кај кли лифтот се одржа трката во велеслалом за млади скијачи, во рамките на Алпскиот куп во организација на Скијачката федерација на Македонија, а со техничка поддршка на скијачкиот клуб Пелистер од Битола.
За овој Алпски куп кој се одржува во Битола по две години пауза поради немање на доволно снег на Пелистер, секретарот на Скијачката федерација Борче Јаневски рече:
-По две години без снег, оваа година имаме чест да бидеме повторно тука на Пелистер, чест ние да бидеме тука во Битола. Условите за одржување на трките беа одлични, стазата е тврда, времето не е многу студено, со неколку збора одлични услови за натпреварувачите да покажат што знаат. Се натпреваруваме во категории У-10, У-12, У-14 и У16, а денес се одржува вториот натпевар од календарот на Куп на Македонија. Првиот се одржа во Маврово, денес сме во Битола, а третиот ќе биде на Попова Шапка. На патеката се појавија 100 деца во сите категории, а ги има од сите клубови во Македонија, од тетовските клубови, од скопските, од битолските клубови. Моеам да кажам дека имаме одлична организација за што се погрижи организаторот ски-клубот Пелистер. Се надевам дека повторно за брзо ќе бидеме на Пелистер и ќе го одржиме и Пелистерскиот велеслалом кој што е традиција на Битола.
Секретарот на ски-федерацијата Јаневски за битолскиот клуб Пелистер и соработката со битолчани рече:
-Битола ги имала од секогаш едни од најдобрите скијачи, а тоа го продолжува и оваа генерација на скијачи. Не би сакал да наведам некои имиња бидејќи би пропуштил некој од нив, а сакам. Скијањето се враќа, но би сакал да има снег и да нема пауза, а јас би сакал сето тоа да го вратиме на ниво кое било порано. Денес на старт имаме сто деца, а тоа ветува многу. Како федерација имаме одлична соработка со ски клубот Пелистер, а клубот има и свои членови во националните селекции, а тоа е Ева Милевска, која што е единствен претставник во брзи дисциплини.
Денес на Пелистер најбројни беа младите скијачи на ски-клубот Меденица од Скопје, а нивниот тренер ни рече:
-Ние во Битола на Алпскиот куп сме дојдени со 18 скијачи. Ние сме дојдени од вчера на Пелистер и вчера имавме тренинг и скијачите ја почуствуваа патеката, а можам да кажам дека ски-патеката “Копанки“ е беспрекорно подготвени и ретко каде по еврпските центри можат да се најдат вака подготвени патеки како на Пелистер, и со вакви услови за тренинг. Ние сме дојдени за победа и секогаш така влегуваме на стартот на секоја трка. Но, сега сакам да ја искористам приликата да кажам дека со ски-клубот Пелистер дека ќе кажам само пофални зборови. Не само на она што ни понуди како услови за тренинг и натпреаври днес, туку и тоа дека имаме одлична соработка. Си помагаме на секој начин и сето тоа за развој на скијањето и подобро резултати на скијачите, посебно кога се на оваа возраст.
Хотелот “Молика“ деновиве е центар на скијањето во Македонија, а сите вработени се на располаге на младите скијачи. Директорот на хотел “Молика“, Горан Исков ни рече:
-Се радуваме кога имаме вакви гости, односно ги имаме кај нас младите скијачи и спортисти. Ние како хотел им ги ставивме на располагање сите наши ресурси, работат жичарницата и ски-лифтот. Ратракот деновиве, ја подготви ски-патеката над Копанки според она што го побараат организаторите, а нивните пофалби за тоа дека патеките се подготвени како по европските ски-центри нам ни дава поттик и понатаму тоа да го правиме и Битола повторно да биде центарот на скијањето во Македонија. Се радуваме дека имаме и гости од соседна Грција, а сите заедно правиме една убава спортска приказна за овие млади скијачи. Се надевам дека ова ќе го повториме на престојниот традиционален “Пелистерски велеслалом“ во надеж дека ќе имаме и доволно снег.
По одржувањето на двете трки претседателот на ски-клубот Пелистер, Митко Милевски рече:
-Имавме две захтевски трки по ски-патека која во најголем дел беше замрзната, но тие се патеките на кои се учат и напредуваат младите скијачи, а токму таква патека бараат и тренерите. Ние како клуб, односно како технички организатори се задоволни, од самата патека за што добивме многу пофални и со целосната организација на Алпскиот куп. Самата бројка што имавме стотина скијачи ни кажува колку тренерите и скијачите ја респектираат ски-патеката “Копанки“ и дека тоа е голем предизвик за нив.
Главен судија на Алпскиот куп беше Александар Георгиевски, а околу сите работи му помагаше Христојан Нашоку.
Ски-патека ја постави Дарко Гроздановски од Алпскиот комитет заедно со Борче Јаневски, а втората ја поставја битолчаните Александар Георгиевски и Наум Симјановски. Утре на програмата на Алпскиот куп на Копанки се трките во слалом.
Организаторите и хотел “Молика“ така ја поставија патеката, што непречено се скијаа и сите гости и Битола и околината.
Сашо Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска










