Press "Enter" to skip to content

Пораз на Пелистер на гостувањето против Феникс

Феникс – Пелистер 85:77

Кошаркарите на Пелистер од Битола не успеаја да најдат излез од резултатската криза откако „зелено-белите“ денеска го загубија и четвртиот меч во последните пет прволигашки рунди, на гостувањето против Феникс со резултат 85:77. Без помошта на Едвардс и на Костоски, „пелистерци“ повторно беа под посакуваното ниво, долго време парираа резултатски, но во финишот загубија сила и го претрпеа седмиот овосезонски пораз.

Бојиќ го отвори мечот со поени за прво водство на Пелистер, но тоа воедно беше и единствена позитива на битолскиот прволигаш во првата четвртина од натпреварот. Феникс го контролираше резултатот, домашниот состав не успеа да се одлепи на повеќе од пет поени разлика, па овој дел од мечот заврши со 28:25 за домаќините.

Втората четвртина донесе израмнета игра во која двете екипи влегуваа во мини-серии, пред се благодарение на ефикасниот напад. Пелистер за момент успеа и да го сврти резултатот во своја полза и да поведе со поени на Дамјан Крстевски во 17. Минута (47:48), но откако во последните две минути од полувремето ниту еден од тимовите не успеа да постигне поен, на одмор се замина со минимални 49:48 за Феникс.

Домаќините поведоа со најубедливи „плус седум“ на половина од третата четвртина (60:53), но Пелистер имаше одговор и со седум поени во низа (Антоан и Мишковиќ) за две минути израмни на 60:60. Нападот целосно затаи до крајот на четвртината, па битолчани во последните десет минути влегоа со негатива од осум поени (68:60).

Четвртиот период го отворивме со тројка на Лука Стојановски, но Феникс успеваше да одржи резултатска дистанца (74:65, 34. Минута). Стајиќ постигна шест поени во низа и го врати Пелистер резултатски, на него се надоврза Бојиќ со два реализирани напада и негативата се спушти на само еден поен (76:75). И повторно, кога требаше да се соберат сили за целосен пресврт следеа серија нереализирани напади, што противникот знаеше да ги искористи, да се одлепи резултатски и на крајот да слави со конечниот резултат 85:77.

Стајиќ беше најефикасен во таборот на Пелистер во денешниот неуспех со 19 поени, 17 постигна Лука Стојановски, а двоцифрен ефект имаа и Мишковиќ со 14 и Бојиќ со 12 поени.

More from СпортMore posts in Спорт »