Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола започна со нова кампања на социјалните медиуми и Интернет просторот под името „КОРЕНИ И КРИЛЈА – ЕВРОПСКА ДИПЛОМА ДОМА!“. Целта на кампањата е да им понуди нови можности на младите луѓе и идните студенти, нагласувајќи дека студирањето во Македонија не значи напуштање на своите корени, туку и можност за стекнување европска диплома.
Во рамки на оваа кампања, УКЛО го објави Конкурсот за средношколски творби, https://uklo.edu.mk/blog/konkurs-za-sredni-ucilista/ кој им овозможува на средношколците да ги покажат своите таленти и да се запознаат со можностите што Универзитетот ги нуди за нивното идно образование. Конкурсот е достапен на официјалната веб страница на УКЛО и на сите социјални медиумски профили на Универзитетот.
„КОРЕНИ И КРИЛЈА – ЕВРОПСКА ДИПЛОМА ДОМА!“ исто така го истакнува значењето да се остане во Македонија, додека младите добиваат европска диплома преку КОЛОРС Алијансата, каде што УКЛО е рамноправен член. Кампањата е создадена со цел да ги мотивира студентите да се образуваат во земјата, но со европски стандарди и можности.
Според ректорот на УКЛО, Игор Неделковски – посебно сакаме да им се обратиме на средношколците и матурантите, истакнувајќи дека студирањето на Универзитетот е вистински предизвик, но и можност за нивниот личен и академски успех. Студентите кои ќе изберат да студираат на УКЛО не само што ќе имаат пристап до квалитетна настава, туку и ќе бидат дел од европскиот образовен систем преку Колорс Алијансата. Тие, исто така, ќе имаат корист од дополнителни поддршки за постигнување успех во своето студирање. Во таа насока, оваа година започнуваме нова кампања под мотото “Корени и крилја – Европска диплома дома!”, преку која сакаме да им покажеме на нашите студенти дека без да ги напуштат своите корени истовремено можат да бидат рамноправни учесници во европска академска заедница.
УКЛО испрати порака до наставниците и директорите на сите средни училишта во државата, охрабрувајќи ги активно да се вклучат во кампањата и да го споделат Конкурсот со учениците. Универзитетот ги повикува сите заинтересирани средношколци да учествуваат, да ги покажат своите таленти и знаења и да ја искористат шансата да се запознаат со понудените можности за образование на УКЛО, што ќе им овозможат квалитетно и перспективно образование, без потреба да ја напуштат трајно својата татковина.
„Не пропуштајте ја шансата да станете дел од оваа кампања и да ја градите својата иднина во Македонија“, се вели во пораката од УКЛО.






