Press "Enter" to skip to content

6. март Европскиот ден на логопедијата, ОУРЦ “Кочо Рацин“ – Битола е институција-никулец на специјалната едукација и рехабилитација (фото)

Логопедите ширум земјата го одбележуваат 6 март како Европски ден на логопедијата, со цел подигање на свеста за важноста на логопедијата и улогата на логопедите во подобрувањето на вербалната комуникација, како кај децата, така и кај возрасните. Овој ден има за цел да го истакне значењето на стручната поддршка во справувањето со говорни и јазични проблеми, кои се клучни за развојот на личноста и нивната интеграција во општеството.

Денес, нешто повеќе за логопедијата, третманите и работата на логопедот во Основното училиште со ресурсен центар “Кочо Рацин“ – Битола ќе ни зборува Марија Лазароска, специјалист клинички логопед.-Пред сè, сакам да го честитам Европскиот ден на логопедијата на сите мои колеги. Секој ден претставува можност да направиме разлика во животите на луѓето со нарушувања во говорот и јазикот.

Логопедијата, како здравствена наука, се занимава со проучување на патолошките состојби во вербалната комуникација, со фокус на превенција, дијагностика и рехабилитација на овие состојби.. Логопедите работат со лица кои имаат проблеми при артикулација на гласови, проблеми со изговорот на зборовите, разбирливоста на говорот, јазичните вештини, како и со други проблеми во комуникацијата, како што се на пример дислексија, пелтечење или други нарушувања кои влијаат на говорот и јазикот.Што се однесува до логопедскиот кабинет во нашиот ресурсен центар, третманите се изведуваат индивидуално, при што секој ученик е опфатен два пати неделно. Третманите се изведуваат според претходно изработена програма и распоред, кои се прилагодуваат според потребите на секој ученик. Третманите се индивидуално прилагодени во зависност од попреченоста на ученикот. Покрај вежби за правилна артикулација на гласовите се изведуваат и вежби за развој на орофацијалната мускулатура, вежби за говорни органи, вежби за дишење, вежби за препознавање и пишување на буквите, вежби за читање, вежби за фина моторика и графомоторика, вежби според PECS методот, употреба на алтернативна и аугментативна комуникајаци во третманите итн.Исто така, во нашето училиште се опфатени ученици од редовните училишта, кои според Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ), им се препорачани услуги во нашиот ресурсен центар.

Марија кажува дека бројката на деца кои имаат потреба од логопед, како и од специјален едукатор и рехабилитатор, од година во година продолжува да расте. Овој тренд ја истакнува зголемената потреба за стручна помош и поддршка во развојот на децата, особено во справувањето со различните видови на попреченост. Се повеќе деца се идентификуваат со потреба за индивидуализиран пристап и третман, што ја нагласува важноста на овие професии.Логопедот ни истакна дека во ресурниот центар се следат и применуваат сите новини во едукацијата и рехабилитацијата на учениците со попреченост. Како логопед со искуство во ОУРЦ “Кочо Рацин” – Битола, посетилa многу семинари, конференции и обуки, како на национално, така и на меѓународно ниво. Во текот на третманите, се користат различни методи и техники, како PECS методата, вежби за алтернативна и аугментативна комуникација, како и употреба на асистивна технологија, кои се внимателно прилагодени на потребите на секој ученик.

-Можам да кажам дека ОУРЦ “Кочо Рацин“ – Битола е институција-никулец на специјалната едукација и рехабилитација која постои 75 години и секојдневно се стреми да воведе новитети како во третманите, така и во наставата на учениците со попреченост. Покрај логопедскиот кабинет, ресурсниот центар располага со бројни кабинети за индивидуални третмани, меѓу кои Монтесори кабинет, кабинети за слушни и говорни вежби, кабинет за реедукација на психомоторика, кабинет за биофидбек терапија, кабинет за ортооптика и плеоптика (тифлолошки), кабинет за сензорна интеграција и кабинет за асистивна технологија. Постојано ги следиме најновите трендови и се надградуваме, секој во својата специјалност, со цел да обезбедиме најдобра поддршка за нашите ученици. Наскоро во употреба ќе го имаме и Rehacom софтверот како и софтвер(апликации и алатки) од Отворете ги прозорците.Кои совети би ги дале на родителите, бидејќи знаеме дека покрај терапевтетот исто така и родителите придонесуваат за подобра комуникација?

-Родителите имаат клучна улога и се неопходен дел од ланецот терапевт – дете – родител. Како и секој логопед, така и јас ги советувам родителите да одржуваат постојана комуникација со своите деца, да опишуваат активности, предмети и чувства, користејќи едноставни зборови и кратки реченици. Потребно е да создадат поттикнувачка средина во која ќе се стимулира говорот – да читаат секојдневно, да покажуваат сликички, да раскажуваат приказни. Родителите треба да бидат трпеливи, да не го критикуваат детето, туку да го пофалат за секој обид, дури и кога зборува нејасно.

Исто така, важно е да играат игри кои го развиваат говорот, како игри со звуци, пеење песнички или изговарање на рими. Родителите треба да го поттикнуваат детето да побара работи што ги сака и да извршува налози. Најважно е да се ограничи времето пред екраните, бидејќи прекумерната употреба на екрани може да има негативно влијание врз развојот на говорот, за што сме сведоци со појавата на екранизам и неговото лошо влијание кај децата уште од рана возраст. Предлагам времето поминато пред екраните да се замени со прошетки во природа, игра во парк и социјализација со други деца. Ова не само што ќе придонесе за подобрување на физичкото и менталното здравје, туку и ќе помогне во развојот на социјалните вештини и креативноста.

Ако родителите забележат некои отстапувања од нормалното, важно е да се обратат на стручно лице, бидејќи раната интервенција е клучна за постигнување на подобри резултати. Важно е да се обрне внимание и на слухот, со цел да се провери дали детето правилно слуша. Родителите треба да го повторуваат зборот што детето го изговара, но без да го прекинат, да му даваат време и простор тоа да се изрази. Во секој случај, постојаната комуникација со стручните лица и вежбањето дома се клучни. Родителите треба да бидат доследни, трпеливи и да го охрабруваат детето со љубов и поддршка.

Среќни родители – среќно дете!

More from ВестиMore posts in Вести »