Press "Enter" to skip to content

Алонсо горд на Битола и ракометарите, Ивиќ задоволен од борбеноста во најдобрата ракометна атмосфера (фото)

Еурофарм Пелистер синоќа во Битола го заврши натпреварувањето во Лигата на шампионите, загубија од ПСЖ со резултат 26:35. 

По натпреварот, тренерот на Еурофарм Пелистер, Раул Алонсо, на прес-конференцијата кажа дека е горд на играчите и за она кое го покажале оваа сезона под негово водство во Лигата на шампионите:-Многу сум горд на Битола и моите играчи, затоа што денес дадовме што можевме. Имавме тешка недела, со ракометари кои беа болни, па не беше лесно да се подготви овој дуел. Мечот тргна лошо за нас, ПСЖ е одличен тим со светска класа играчи, ги искористија првите минути да направат разлика, но ние се вративме, се боревме добро. Беше тешко да се остане во натпреварот, секогаш бевме два до три гола зад ривалот. Можеби не бевме и доволно добри во одбраната. На полувреме губевме пет гола, пак се вративме, покажавме енергија во последните минути, но мора да прифатиме дека нашето ниво не беше доволно да се носиме со ПСЖ. Ама, како што кажав, јас сум горд на овие играчи, дадоа максимум. Овие натпревари ќе ги направат посилни. На крајот шанса добија и помладите играчи, па среќен сум затоа што нашата публика ја препозна борбата и цело време беше со нас, изјави Раул Алонсо.

Во име на тимот говореше хрватскиот голман Филип Ивиќ кој им се заблагодари на навивачите за поддршката и истакна дека ова е најдобрата атмосфера во која некогаш играл.-Би сакал да му честитам на ПСЖ за борбеноста, за мене е една од најдобрите екипи во Европа, тоа се покажа и на овој меч. Низ Лигата на шампионите го покажавме нашиот квалитет и дека може да се носиме со врвни екипи. Благодарам на Битола за атмосферата, ова беше најдобррата атмосфера во која сум играл. Следна година ќе се обидеме да освоиме што е можно повеќе бодови да одиме во следна фаза во Лигата на шампионите. Сега фокусот ни е кон лигата и Купот, се надевам дека ќе ја донесеме пак титулата во Битола, изјави Ивиќ.

Пелистерци оваа сезона во Лигата на шампионите ја завршија со три победи, два реми исхода и девет порази во четиринаесет одиграни натпревари.

Фото: Дамијана Ритевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from СпортMore posts in Спорт »