Денес, во организација на прифатилиштето „Хачико“ во Битола беше одбележан Светскиот ден на бездомните животни со топол и полн со љубов настан. Под ведро небо и во весела атмосфера, се собраа голем број активисти, волонтери и љубители на животните заедно со насмеани ученици и средношколци.
Младите имаа прекрасна можност да се запознаат и дружат со дел од милите штитеници на прифатилиштете кои ја почувствуваа грижата и топлината на човечкото срце кај нас во прифатилиштето. На самиот настан, во организација на професорот по Вовед во право Зоран Ѓуровик од гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола, присуствуваа триесетина ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ и одреден број ученици од Средното медицинско училиште „Др Јован Калаузи“. За оваа прилика, тој ги анимираше учениците да развиваат и негуваат култура на хуман однос кон бездомните животни, истакнувајќи ги и проблемите со кои се соочуваме како општество.
-Крајно време е да се преиспитаме како луѓе, народ и општество за нашиот однос кон сè што не опкружува, а несомнено тука спаѓа и нашиот однос кон бездомните животни. Во најмала рака, тој е под секое хумано ниво и ја покажува целата наша фрустрација и незрелост да градиме хумана и високо позиционирана морална заедница. Кај нас сè уште живеат огромен број на луѓе кои ја заслужуваат етикетата „злоставувачи на бездомни животни“, без притоа да имаат какво било оправдување за тој однос. Законската регулатива која е донесена не само што не се спроведува – особено делот за благосостојба на бездомните животни – туку и како вообичаено е донесена само формално и без вистинска примена. Самите граѓани не се ни едуцирани, ниту пак државата, освен со исклучоци. Затоа, од овде апелирам да се сфати сериозно работењето во оваа насока и да се започнат активности за едукација и создавање на култура на хуман однос кон бездомните животни. Сè уште важи изреката дека „кучето е најдобар пријател на човекот“, но јас одговорно изјавувам дека денес човекот е најголем непријател на кучето. Едно парче храна е доволно и да ве „зароби“ засекогаш најубавиот поглед на светот – и ќе добиете безусловна доживотна љубов и верност каква што не може да ви подари ниту еден човек на светот, изјави професорот Зоран Ѓуровик.
Освен игра и гушкање, учениците одблиску дознаа што значи да се биде активист и волонтер, и колку малите дела на добрина можат да направат голема разлика во животот на овие животни.
-Овие моменти нè потсетија дека секое животно заслужува љубов, топол дом и сигурност. Дури и една прошетка, насмевка или гушкање може да значи свет за нив. Ве охрабруваме сите што чувствувате љубов кон животните да се приклучите – како волонтери, донатори или едноставно со поддршка и споделување на приказните на овие мали херои. Заедно можеме да направиме многу за нив, чекор по чекор, шепа по шепа, порачаа од прифатилиштето “Хачико“, кои упатија и:
-Голема благодарност упатуваме и до@Petplus Macedonia кои верно не следат и не помагаат на вакви организирани настани и во секојдневната работа и грижа. Нашите штитеници се среќни и се радуваат на секоја ваша донација. Во оваа прилика уште еднаш сакаме да упатиме голема благодарност до оние кои се грижат за здравјето и за цел хуманиот третман и здравствена заштита на нашите бездомни кучиња – Докторите од ветеринарните амбуланти.






