Битола не случајно е расадник на талентирани спортисти, особено во ракометот и кошарката, беше потенцирано на денешната средба на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, со државните прваци од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во ракомет во машка и женска конкуренција, како и со трето пласираните на државно ниво во кошарка, на ниво на средни училишта во земјава.
На средбата, покрај учениците спортисти, присуствуваа и директорката на гимназијата Лидија Споа, како и професорите по физичко образование Антонио Трпковски и Михајло Силјанов, заслужни за успешните резултати на нивните ученици.
Градоначалникот Коњановски им честиташе на младите спортисти, за одличниот пласман и освоените први места на машката и женската екипа на гимназијата во ракомет, во конкуренција на над 90 екипи од средните училишта во државата, но и на кошаркарите, кои во конкуренција од 94 екипи, го освоија третото место.






