Press "Enter" to skip to content

Општина Новаци по втор пат ќе субвенционира купување на клима уреди

Општина Новаци го објави јавниот повик за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди на кој можат да аплицираат само жителите на оваа општина. Повикот ќе трае 1 месец. 

-Оваа мерка ја објавуваме по втор пат од кога сум јас градоначалник на Општина Новаци, првиот пат во 2021 година бидејќи беше мое предизборно ветување во првите три месеци од стапувањето на оваа функција и сега го повторуваме повикот заради интересот кај нашите жители. Ќе субвенционираме нашите жители во висина од 20 000 денари бруто износ со вклучен персонален данок за купување на клими. Сумата ќе биди подеднаква за сите поднесени барања без разлика колкава ќе биде вредноста на обезбедениот клима уред. Доколку трошоците за набавка се повисоки од максималниот износ на субвенцијата, разликата над тој износ останува на трошок на барателот, рече градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.

Распределбата на средствата за субвенционирање на овој јавен повик ќе се врши врз основа на уредна и комплетна документација според редоследот на поднесување на пријавите до исцрпување на средствата, по принципот „ прв дојде,прв услужен.“. Неуредните и некомплетните  документации ќе бидат отфрлени и нема да бидат земени предвид при одлучувањето и распределувањето на средствата за субвенционирање.

Вкупната сума на обезбедени средства за оваа намена изнесува 1 милион денари и се обезбедени од Буџетот на Општина Новаци.

Целта на јавниот повик е да ги стимулира домаќинствата во општина Новаци за користење на  извори на енергија за затоплување на своите домови кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, да ги заменат печките на тврди и фосилни горива кои ги користат за затоплување на станбениот простор во кој што живеат, преку субвенција за набавка и монтажа на високоефикасни инвертер клима уреди.

More from ВестиMore posts in Вести »