Во Галеријата и музеј “Ранко Струмениковски“ во Битола отворена беше изложбата на сликарот Зоран Таневски, по повод 30 години самостојно излагање и 42 од учество на групни изложби, на битолскиот сликар Зоран Таневски.
По повод свеченото отворање на изложбата, на која Таневски се претстави со 16 дела во техника масло на дрвена подлога, д-р Тања Струмениковска – Ристевска го напиша следниов текст.
-Добредојдовте во дуалниот свет на м-р Зоран Таневски. Ја знаете познатата мисла на Пабло Пикасо дека секое дете е уметник. Проблемот е како да се остане уметник кога ќе пораснеме. Таневски во изминатите 42 години творештво, остана верен на уметноста и создавањето. Формата на дуализмот како варијанта на ум и материја во моите очи прераснува во себеспротивставување. Тој ги исцртал формите како предлог – живото и неживото да бидат внатре во иста рамка која истовремено ги разделува. Таневски придонесува да се развива сликата низ својата теорија за умот кој ги проширува границите на духот и телото со сликање повеќеслојни нишки. И така тој создава врска меѓу организмот и остатокот на светот. Клучен елемент на неговото истражување со бојата е користење на систем кој го менува својот однос зависно од околната информација и воедно тие се основа за идни акции. Движечката идеја ја развива во последната деценија чиј резултат е пред нас, во овие 16 колоритни дела кои будат експлозија и мир во длабочината на дамарите на човечката душа. Филозофијата не е само да си добар, ами и да си виден, да воспоставиш контакт со рецепиентот. Тоа Таневски на мошне ефектен и сугестивен начин, суптилно допира до нашите сетила.
Изложбата во галеријата трае до 16 мај.
Д.Р.










