Емотивно и со многу восхит и почит, долги аплаузи им подари прилепската публика синоќа на отворањето на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Длабоки наклони, благодарност и нескриени емоции на сцена споделија актерите наградени за животно дело – Снежана Коневски-Руси, Соња Михајлова од Битола и Гоце Тодоровски. Тие добија награди изработени од прилепски мермер од „Крин про“ од Прилеп.
Оваа награда за мене вреди и е тешка колку што вреди и овој театарски фестивал – празник на театарската уметност, празник на театарските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија. За мене тоа е највредното, рече актерката од Битолскиот театар, Соња Михајлова.
-Има 40-ина години од моето дружење со театарот и во театарот. Сите изминати години за мене ова е возбудлива авантура на умот, срцето. Како што театарот има и светла и темна. Светлата – предизикувачка, да се креира лик потрага по некоја сценска вистина. Другата страна е онаа потемната – предизвикувачката која во земја како Македонија постојано е предизвикана од промени, трансформации и кои неизбежно овие 40 години што ги носам на театарската сцена оставиле и белег и некоја лузна и врз срцето и умот – рече Михајлова.
Вечерва на програмата на фестивалот е Народниот театар од Битола со претстават „Црно семе“ од Ташко Георгиевски во режија на Андреј Цветановски во 19 часот во Центарот за култура. Улогите ги толкуваат: Мартин Мирчевски, Огнен Дранговски, Васко Мавровски, Никола Стефанов, Петар Спировски, Никола Пројчевски, Хари Михајловски, Александар Стефановски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Живко Борисовски и други. Истата ќе се изведе на 07.06 во сабота, со почеток од 19 часот.
Одлуката да се постави култниот роман на Георгиевски на сцената на Битолскиот театар го покажува потребниот однос кон сопствената традиција и посвета на трагичната судбина на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Трауматичната приказна на Македонците затворени на еден пуст остров во Егејското Море, овој пат низ драматизацијата на Јелена Цветановска и режијата на Андреј Цветановски, е прикажана на мошне сликовит и сценичен начин, особено со ефективната актерска игра на целиот ансамбл вклучен во претставата. Актерите покажуваат на кој начин може да се покаже трагичната судбина без нагласена патетика, намерно прикажувајќи ја и интимната и суптилна страна на поединечните човечки судбини.











