Во организација на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ, во Битола се одржува дводневна обука посветена на зајакнување на капацитетите на инклузивните тимови во основното образование, со вклучување на сите нивоа на поддршка во воспитно-образовниот систем.
Обуката има за цел да обезбеди стручна поддршка и практична размена на искуства за сите клучни актери во процесот на инклузија на ученици со попреченост, преку примери од праксата, модели на тимска соработка и ефективно планирање на индивидуализирана поддршка.
Фокусот е ставен на:
-унапредување на планирањето и спроведувањето на поддршката за ученици со попреченост,
-работа според Меѓународната класификација на функционирање (МКФ), • изработка и примена на модифицирани наставни програми и индивидуални образовни планови (ИОП),
-организација и примена на ресурсни простории,
-избор и практична примена на методи и техники за индивидуализирана работа,
-тимска соработка и вклучување на родителите во процесот на поддршка.
Обуката ја води Лорета Андреевска, специјален едукатор и рехабилитатор, експерт за инклузивно образование.
Во обуката учествуваат: наставници од општинските основни училишта, педагози, психолози, социјални работници, специјални едукатори и рехабилитатори, логопеди, образовни асистенти, претставници од ресурсен центар, општина, невладини организации, како и стручни лица од центри за поддршка и служби за инклузија.
Оваа активност е дел од поширока програма за поддршка на инклузивното образование во неколку општини низ државата, поддржана од ГИЗ, во соработка со локалните самоуправи и образовни институции.
Наставниците, стручните лица и институциите преку оваа обука заеднички ја испраќаат пораката дека вклучувањето на секое дете е заедничка одговорност и основа за подобро општество.






