-Синоќа во Старата чаршија во Битола каде се ширеа мелодичните звуци од изворните македонски песни и други популарни мелодии во изведба на групата “Деспина“ од Битола заедно со КУД “Илинден“ – “Приказни од чаршијата“, група “Ѓердан“, Дона Петрова, Никола Зацески и Андреја Чукалкова на првата вечер од 8. по ред “Фестивалот на староградска музика“.
-Синоќа се бараше столче повеќе, а за вечерва се е резервирано.
Старата битолска чаршија од секогаш била местото на еснафите на Битола, градот со голема традиција и богато културно – историско наследство, градот кој со себе носи многу приказни кои се раскажувале, се надградувале и менувале, онака како што градот го менувал својот лик.
Токму таму на местото каде што денес е спојот на ориенталното и градското живеење во единствениот, делумно сочуван дух се одржа првата вечер од осмото издание на “Фестивалот на Староградска музика и вино“ за што имаше огромен интерес и беше најпосетено досега.
Битолчани бараа столче повеќе, а намерниците во Чаршијата кои само поминаа да видат како е, останаа до доцна во ноќта.
Синоќа битолчани и нивните гости уживаа во чаша добро вино или пиво во одлична староградска музика, но и македонски популарни шлагери, и со тоа ја поддржаа целта на организаторите, заедно да го вратиме духот на битолската чаршија.
Дел од нив сега веќе возрасни битолчани, носталгично се вратија во својата младост кога тука излегувале, вљубувале, дружеле… Тие се присетуваа дека еден период поточно во 90-тите години, тука и се случувал културно – забавниот живот на битолчани и тоа не само во лето, туку и преку целата година. Голем број на кафулиња, ресторани каде до доцна во ноќите музиката не била проблем за околината.
-Овој фестивал се одржува осма година по ред и со него сакаме да го вратиме сјајот на битолската чаршија. Барем на кратко, еден виденд ќе заживее во овој летен период. Амбиентот е создаден за ваква музика и уживање во неа. Вечерва тука се собраа повеќе генерации, кои уживаа во музиката и го покажаа својот боемски живот, кој од секогаш бил присутен во Битола. Не радува што има ваква голема заинтересираност за настанот, а и за втората вечер се е резервирано. Ова ни дава поттик да продолжиме и понатаму, рекоа организаторите.
Фестивалот продолжува денес на истото место со групите “Битолски тамбураши“ и “Боеми“ и Виктор Апостоловски, а како и синоќа ќе се бара место повеќе.
Ж. Ристевска










