Неактивирана граната од Првата светска војна се “појави“ деновиве на велосипедската патека за маунт бајк натпревари над излетиште Смолево, кое се наоѓа над Битола.
Според зборовите на редовни посетители на Смолево и манастирот “Свети Атанасиј“ станува збор за неактивирана граната од 100 мм најверојатно од Првата светска војна, кога Француските сили го иселиле Смолево и на тој потег стратешки се стационирале над Битола во рамките на Македонскиот фронт пред 110 години.
Инаку, неактивираната граната се наоѓа на околу 300 метри над Смолево, а врз неа редовно возат планински велосипеди многумина млади битолчани. На оваа патека позната и како “Каналка 2“ се одржуваат и велосипедски трки со бројни учесници и публика. Се стравува дека при поголем удар или евентуален пожар гранатата може да експлодира, оттаму и предупредувањето на излетниците и рекреативните, гранатата стручно да биде отстранета од соодветни служби и пиротехничари.
Драган Ристевски






