Press "Enter" to skip to content

Во РЕК “Битола“ одбележан 28 август, Денот на рударите (фотогалерија)

Во рамки на својата долгогодишна традиција, подружница на ЕСМ, РЕК “Битола“ денеска свечено го одбележа 28 август, Денот на рударите. Настанот беше обележан со присуство на високи државни функционери, локални претставници и вработени, кои заедно им оддадоа почит на рударите и на нивниот значаен придонес во енергетскиот сектор на земјата.На прославата присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како и битолските пратеници Пеце Милевски и Силвана Ангелевска.Меѓу гостите беа и членови на управниот и надзорниот одбор на АД ЕСМ, градоначалниците на Битола, Новаци и Могила, директори на јавни претпријатија, деловни соработници, научни работници и медиумски претставници.Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по завршување на одбележувањето го честита праззникот и рече:-Ја користам оваа прилика да на сите православни христијани им го честитам големиот верски празник, Голема Богородица, а на сите граѓани во Македонија да им посакам пред сè здравје, среќа, љубов за нив и за нивните семејства бидејќи тоа е она коешто на сите нам ни е потребно. Ова се денови кога празнуваме, кога се среќаваме, се обединуваме, кога ќе зборуваме за верата, за духовната сила, за сето она коешто претставува предизвик во нашето секојдневие. Убеден ден сум дека обединети сите заедно, сплотени, сите тие предизвици ќе ги надминеме.  -Ја користам оваа прилика на оние јунаци, тоа се рударите да им го честитам денот на рударите, да им посакам уште многу убави работни денови, многу успеси бидејќи благодарение на нивната пожртвувана работа, макотрпна работа, секојдневна енергија којашто секојдневно ја вложуваат овде во РЕК “Битола“. Би сакал уште еднаш да повторам и да им го честитам денот на рударите со рударскиот поздрав “Среќно“ затоа што тие се нашата инспирација и знам и убеден сум од тоа што успеав да го видам дека мотивот не изостанува, желбата е тука присутна и сигурен сум за уште подобри резултати во месеците и годините коишто следат за македонскиот енергетски систем, за рударството, но и за македонската економија. Министерката Божиновска, која ја додели пофалницата на рударот со најистакнат ангажман, истакна дека државата нема да дозволи злоупотреби.-Нашата обврска е и контрола и инспекции. Државата нема да дозволи злоупотреби или непочитување на правилата. За компаниите кои работат одговорно и инвестираат во безбедноста на рударите и заштита на животната средина, поддршката е целосна. Но за оние што мислат дека можат да ја игнорираат законската регулатива, јасно кажувам: времето на компромиси заврши, нагласи Божиновска. Таа потенцираше дека инспекциите се зајакнати и казните построги, со цел секој рудар да се враќа безбеден дома.​Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, се обрати пред присутните, истакнувајќи ја клучната улога на рударите.-Повеќе од четири децении, рударите го носите товарот на македонскиот енергетски систем и целосно се вложувате во обезбедувањето на стабилно производство на електрична енергија, рече Узунчев.Тој додаде дека заеднички се работи на стабилизирање на процесите во рудниците Суводол и Брод Гнеотино, истакнувајќи дека за тоа е потребен подолг период на консолидација.-Здраво и просперитетно ЕСМ, значи и стабилен домашен електроенергетски систем, и можност за континуиран раст на индустриското производство а со тоа и на БДП-то и економијата на државата. Сигурен сум дека заедно, успешно ќе ги пребродиме предизвиците во претстојната грејна сезона и ќе се реализира планот за производство, заклучи Узунчев.​На настанот беа доделени благодарници и пофалници на 25 рудари, меѓу кои тројца неодамна пензионирани. Признанија добија и пет пожарникари за нивниот придонес во справувањето со пожарите во Комбинатот и пошироко. Пофалени беа и пет работници од термоелектраните за нивниот придонес во остварувањето на производствениот план, кој оваа грејна сезона беше завршен со 11,6% повеќе произведена електрична енергија во однос на претходната.Посебна почит беше оддадена на осум семејства на загинати работници, на кои им беа врачени благодарници.​Пофалниците ги доделија директорите на Подружница РЕК Битола, м-р Тони Петрушевски, на Термоелектрани, м-р Никола Кузмановски, и на Рудници, Николче Талевски.​По официјалниот дел, раководството на РЕК Битола, Управниот и Надзорниот одбор, заедно со другите присутни, го посетија манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Новаци, во чест на заштитникот на рударите.

Фото: Сашо Ристевски