Press "Enter" to skip to content

Зајакнување на научно-истражувачките капацитети на УКЛО Битола со значајни (4) резултати

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со особена гордост ги истакнува најновите успеси на своите единици во областа на научно- истражувачката дејност, преку одобрените проекти поддржани од Министерството за образование и наука. Овие проекти претставуваат признание за квалитетот, истрајноста и научната зрелост на наставно-научниот кадар на УКЛО, како и на младите истражувачи кои активно придонесуваат кон унапредување на знаењето во различни области.

Низ серијал се осврнуваме на седум проекти што ја рефлектираат стратешката посветеност на Универзитетот на научното истражување, иновацијата и развојот.

Правен факултет – Кичево

Научно – истражувачки проект: Употребата на дигиталните платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина – главен истражувач, проф. д-р Ангелина Станојоска. Овој истражувачки проект се фокусира на употребата на дигиталните платформи и распространетоста на сајбер насилството во училишната средина, со цел да понуди нови сознанија и да го прошири научното знаење во оваа актуелна област. Проектот придонесува кон продлабочување на разбирањето на динамиката помеѓу дигиталната комуникација и појавата на сајбер насилство, анализирајќи ги факторите кои ги поттикнуваат овие појави.Идејата на тимот кој ќе го реализира овој проект произлегува од актуелноста на состојбите со сајбер насилството во училишните средини кое за жал се почесто е застапено. Целта на истражувањето е преку научно-истражувачките методи применети во емпириското истражување да се даде научна дескрипција и објаснување на сајбер насилството меѓу учениците во училиштата во РСМ. Една од целите на проектот е да откриеме кои се перцепциите на учениците во однос на сајбер насилството и да се обидеме да откриеме на кое ниво на разбирање и препознавање е сајбер насилството од страна на учениците, како и за нивното лично искуство и виктимизација.

Би сакале со овој проект како Правен факултет да дадеме придонес за научната заедница преку генерирање на нови податоци, модели и препораки кои се применливи во различни образовни системи.

Деканката на Факултетот, проф. д-р Светлана Вељановска го истакнува верувањето дека истражувањето ќе придонесе да се подигне свеста на наставниот кадар и учениците за последиците од сајбер насилството, како и да го пријават секое однесување кое е поврзано со истото. Со оглед на тоа што нашиот истражувачки тим под водство на проф. д-р Ангелина Станојоска има богато искуство во областа на истражувањето на родово – базираното насилство, дигиталната писменост и превенцијата на насилното однесување, сметам дека како високо образовна институција ќе дадеме мошне важен научен придонес со тоа што ќе ја надополниме постоечката литература со нови, емпириски потврдени сознанија, но исто така ќе обезбедиме практична основа за формулирање на препораки и стратегии за едукација, превенција и институционална интервенција.Овие активности се целосно усогласени со стратегиската ориентација на УКЛО за градење конкурентна и одржлива истражувачка основа, интернационализација и активно учество во европскиот истражувачки простор.

Како полноправна членка на КОЛОРС Алијансата https://uklo.edu.mk/colours/, УКЛО дополнително ги консолидира своите напори за транснационална научна соработка и поврзување и со други водечки иницијативи – со што ја зацврстува својата позиција како модерен и истражувачки ориентиран универзитет и им отвора пошироки европски перспективи на своите студенти на трите циклуси на студирање.