Press "Enter" to skip to content

Денес Пелистер по нова победа против Ангели, Вилсон порачува дека се на вистински пат и очекува две победи

Ленгстон Вилсон експресно се снајде во новата средина во Битола и се наметна како клучен играч на Пелистер, пред се во борбата под обрачите. Американецот кој ги освои симпатиите со атрактивните забивања на секој натпревар не крие дека очекува уште подобри изданија како што ќе одминува сезоната во Битола.

-Се чувствувам одлично во Битола. Бев примен без апсолутно никаков проблем од сите во клубот, што ми помогна за експресна адаптација во новата средина. Она што ми е допаѓа кај Пелистер е брзата игра и решенијата што секогаш ги наоѓаме во нападот. Се уште имаме одредени проблеми во одбраната, тоа е она на што најмногу работиме и верувам дека сме на вистински пат. Ќе играме се подобро како што ќе минува сезоната, вели Вилсон.

„Пелистерци“ денеска ги очекува нов суперлигашки предизвик на гостувањето во Скопје против КК Ангели (14.30 часот), меч на кој битолчани се фаворити и се очекува да ја продолжат перфектната серија од самиот старт на сезоната во Супер-лигата.

-Мораме да бидеме фокусирани и да не дозволуваме падови во играта. Она што тренерот го бара од нас треба да биде спроведено на терен, доколку го оствариме тоа очекувам рутински да стигнеме до победата. Многу е важно за нас да одиграме квалитетно и да го вратиме „моментумот“, да ја кренеме формата пред следниот меч со Цедевита јуниор. Тоа ќе биде исклучително важен дуел за нас, играме пред верните навивачи и ќе сториме се за да забележиме нова европска победа, истакна Ленгстон Вилсон.

More from ВестиMore posts in Вести »