Во Народниот театар Битола се одржа прес конфереција по повод 11. издание на Шекспир фестивалот и 81.година постоење на Театарот, зборуваше директорот Васко Мавровски кој нагласи уште еднаш дека театарот треба да е присутен и достапен за сите, а се осврна и на Шекспир фестивалот, и рече:
-Со почетокот на септември ги започнавме подготовките, кога се одлучи 81. роденден на НТБ да се одбележи со отворањето на фестивалот и премиера на „Магбет“ во режија на унгарскиот режисер Сабо Иштван. Се работи за спектакл кој подолго време не сме го имале во Битолски театар, екипата брои 39 лица, претстава која отвара нови димензии на размислување како Шекспир може да се постави, дека трагедиите на Шекспир се на работ да бидат комедии, гротеска и епска драма и трагедија, одговорите на тие прашања ги дава Иштван кој направи епохално дело кое ќе се памети во Битола.
-Со „Магбет“ го отвараме фестивалот кој оваа година го поместивме од летниот период во есенскиот, бидејќи сметаме дека културата не треба да биде насочена само за летниот период кога е и “Бит фест“, сметаме дека во есенскиот период луѓето повеќе сакаат и доаѓаат во театар. Мислам дека успеавме со уметничкиот раководител, членовите на Уметничкиот совет, луѓето кои се два, три месеци активно вклучени во фестивалот, да направиме програма која е достојна за Шекспир фестивалот, достојна за Битола, бидејќи успеавме сите претстави да ги вклопиме во буџетот кој го добивме од Министерство за култура и средствата кои ги добивме од годишната програма на Општина Битола, рече Мавровски.
Оваа година одлучија фестивалот да го подарат на битолчани, влезот за сите претстави е бесплатен.
-Додека сум јас менаџер на овој театар, влезниците за Шекспир фестивалот, ќе бидат бесплатни, како еден мал гест на Битолскиот театар кон нашата публика која ја зголемивме за 60, 70 проценти. Оваа сала е повторно жива и се бара карта повеќе, имаме хит претстави за кои луѓето патуваат и од околните градови и земји.
Уметнички раководител на Шекспир фестивалот е Благој Мицевски.
Екипата на „Магбет“ ја сочинуваат асистент на режија – Јован Ристовски, сценограф – Валентин Светозарев, костимограф – Благој Мицевски, композитор – Ерно Веребес, видео дизајн – Сергеј Светозарев, светло – Горан Петровски, тон – Николче Терзиевски, видео оператор – Владимир Переловски.
-Поминав прекрасни денови во НТБ Битола, два месеци со многу талентирани актери и воопшто целата екипа, направивме чудна претстава. Познатиот театарски работник, таткото на модерната театарска уметност Мајерхолд рекол: правилниот начин да се прави театар е гротеската, бидејќи човековата природа е сама по себе гротеска. Во исто време сме и трагични и комични, сите наши чувства, активности се контрадикторни и мислам дека во оваа претстава ќе го откриете овој тип на природа кај луѓето, рече режисерот Иштван.
Улогите ги толкуваат: Александар Димитровски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Јулијана Мирчевска, Борче Ѓаковски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска Дранговска, Мартин Митровски, Филип Мирчевски, Александар Стефановски, Иван Јерчиќ, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Живко Борисовски, Соња Михајлова, Ана Грамосли, Марија Стефановска, Марија Цветановска, Ива Лазарова.
-Работејќи со моите колеги, со режисерот, беше едно прекрасно задоволство, поинаков принцип на работа, никогаш не сум замислувал ваква верзија на Магбет, има режисерот некоја чудна смисла за хумор, за гротеска, голем професионалец е кој безрезервно се даде во својата работа, со што ни даде поттик и нам актерите така да влеземе во тој процес. Бескрајно да веруваме во она што го правиме, публиката ќе види една театарска претстава во која како што ние веруваме, и таа ќе верува во она што го гледа, истакна актерот Мартин Мирчевски кој го игра ликот на Магбет.
-Ни се случи еден процес кој не може да се опише со зборови, она што ќе го види публиката на сцената може да го долови она што го поминувавме овие два месеци, јас ја толкувам улогата на лејди Магбет. Сакам да се заблагодарам на режисерот на прекрасниот процес на работа низ кој пораснавме и како актери и како луѓе, додава актерката Јулијана Мирчевска.
Покрај „Магбет“ програмата на фестивалот вклучува претстави од Македонија, Полска, САД, Хрватска / Англија и Бугарија.
Текст и фото: Сашо Ристевски










