Press "Enter" to skip to content

Успешна Годишна меѓународна конференција: „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“во организација на УКЛО Битола (фотогалерија)

Во чест на Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во КИЦ- Офицерски дом во Битола, на 14 и 15 ноември 2025 г. ја одржа четвртата Годишна меѓународна конференција: „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“ – научен собир кој обедини академски кадри, истражувачи, креатори на политики и практичари од различни области, со заедничка цел – поттикнување на дијалог, соработка и иновации во служба на одржливата иднина.Конференцијата се одвиваше на хибриден начин и овозможи глобална видливост и учество.За УКЛО, годишната меѓународна конференцијата значи традиција, вели ректорот проф. д-р Игор Неделковски.– Кога нешто се организира за прв пат е обид. Кога се организира втор пат, веќе станува пракса. Кога се организира трет пат, настанот има просперитет. А кога ќе се организира четврти пат е традиција. Со ова ние ги поставивме темелите, бидејќи четири години со ред организираме научна конференција на иста тема, остварување на целите за одржлив развој на Обединетите нации. И со тоа веќе кажуваме дека Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ – Битола традиционално, секоја година, од научен аспект се осврнува на остварувањето на глобалните цели на човештвото, а тоа се целите на одржливиот развој. Станува збор за автентична конференција во нашата држава. Преку вакви активности кои ги третираат целите за одржлив развој на ОН, нашиот универзитет настојува да се профилира како универзитет насочен кон заедницата – посочува проректорот за наука проф. д-р Горан Илиќ.-Она што денес го правиме всушност треба да даде дополнителни ефекти, дополнително влијание врз подобрување на општествениот живот, бидејќи цениме дека суштината на науката е во насока на подобрување на животот и општите услови за живеење, како кај нас така и во светот.Добредојде на гостите покрај ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски и проректорот, проф. д-р Горан Илиќ им посака и проф. д-р Марјан Ѓуровски, претседател на македонскиот Одбор за акредитација на високото образование, а на свеченото отворање главни говорници беа четворица еминентни меѓународни експерти: Ернест Влачиќ, Панајотис Главинис, Иоан Хорга и Ангелос Касканис. Од Конференцијата ќе произлезе Зборник на научни трудови, а УКЛО неодамна ја објави и Книгата на апстракти во која се вклучени 90 истражувачки трудови од пристигнати над 200 од целиот свет, што го одразува мултидисциплинарниот дух на Kонференцијата и придонесот од различни научни области.Честитајќи за успешно организираниот собир, кој обединува импозантен број на научни работници кои работат на една суштинска тема, проф. д-р Панајотис Главинис, декан на Правниот факултет на Универзитетот Аристотел во Солун, Грција, истакнува дека заедно, како колеги, работат и на остварување на друга суштествена цел – влез на државата во ЕУ. – Успехот на оваа конференција покажува дека денес, кога пазарите се отворени и практично и нема некои граници, најважни се луѓето кои ги среќаваме тука денес и со кои имаме чест да соработуваме.Учесниците на конференцијата работеа во неколку сесии на тематски панели и оценка е дека и ова издание на Конференцијата донесе нови инспиративни излагања и нови перспективи за одржлив развој на локално, регионално и глобално ниво.Во рамките на програмата, Конференцијата опфати и посебен тематски дел, панел-дискусија на тема: „Европските универзитетски алијанси во фокус: КОЛОРС, CHALLENGEEU и други, во хибриден формат во КОЛОРС CoSpace Office. Модератор на активноста беше професорката Рената Петревска Нечкоска, академска раководителка на УКЛО КОЛОРС.Научниот собир беше настан на којшто ректорот Неделковски ја промовира меѓународната УКЛО мрежа – што претставува и нов предизвик за еден меѓународен универзитет. При тоа, се потпишаа  и меморандуми за соработка со СОУ Гимназија ,,Јосип Броз Тито“ – Битола и Националната установа Народен театар – Битола.-Гимназијата ,,Јосип Броз Тито“- Битола е првата институција во која пред 80 години започна наставата на македонски јазик, а Народниот театар- Битола е местото во кое започна театарската уметност на македонски јазик по ослободувањето, рече ректорот Неделковски при свечениот чин и нагласи:-Со овој чин на свечено потпишување на Меморандум за соработка со најстарото и најеминентното средно училиште, започнуваме со проширување на соработката со сите средни училишта. Ако Гимназијата беше првото место каде што започна наставата на македонски јазик, Народниот театар Битола е првото место каде што започна театарската уметност во современа Македонија на македонски јазик, веднаш по основањето на современата македонска држава. Затоа е големо моето задоволството што потпишуваме меморандум за соработка со врвна установа од областа на уметноста, а уметноста на свој начин е поврзана со науката, бидејќи кога уметноста ќе го достигне своето совршенство, станува наука. Многу книги и научни дела се напишани за Народниот театар Битола. Иако тоа е уметничка установа, нивната уметност е наука. И спротивно, кога науката ќе го достигне своето совршенство, станува уметност која има трајна вредност во развојот на човештвото.За директорката на Гимназијата Лидија Споа и директорот на НУ Народен татар – Битола, Васко Мавровски, потпишувањето на меморандумот за соработка е само продлабочување на веќе воспоставените врски.-Сметам дека кога ќе се поврзат едно од најдобрите училишта во земјава и еден од најдобрите универзитети, тогаш нема невозможни нешта, истакна директорката  на Гимназијата,  Лидија Споа.-За нас е големо задоволството, бидејќи УКЛО е институција која значи многу, не само во нашата држава, туку и пошироко. Чест ни е што токму на денот кога го славиме 81-от роденден склучуваме Меморандум за соработка. Мислам дека соработката меѓу УКЛО и Народниот театар- Битола и во иднина ќе продолжи, бидејќи има многу теми кои во театарот не се истражени, кои науката допрва треба да ги истражува. Така да имаме отворени полиња за соработка, потенцира директорот на Театарот, Васко Мавровски.УКЛО мрежата е платформа за поврзување на научни дејци и институции кои делуваат надвор од Универзитетот, односно поединци и организации активни во заедницата, науката и истражувањата како носители или партнери во проекти.

Елизабета Атанасоска

Фото: Дамијана Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »