На вчерашната прослава во Битола на јубилејот 70 години ракометен клуб Пелистер и на ревијалниот натпревар имаше неколку случки кои привлекоа внимание на публиката во спортската сала “Боро Чурлевски“ во Битола.
На паркетот во “синиот тим“ на Пелистер и на голот застана поранешниот капитен и голман Стевче Стефановски кој се појави во тренерки од 1992 година и имаше неколку одлични одбрани како порано, за што тој ни рече:
-Тренерките се од 1992 година кога бев дел од една одлична генерација на ракометари кои беа клубот. Ги носев од 1992 до 1999 година, и тоа само на важни натпревари. Тренерките се стари 33 години, но се како нови. Не знам дали има цена по кој јас би се одрекол од нив. Ретко останува опрема за сеќавање. Опремата се уништува посебно во ракометот, и затоа овие жолти тренерки се реликвија на само за мене, туку за сите ракометари и навивачи кои ги паметат и преку нив се сеќаваат на значајните натпревари на клубот. Останува кај мене дома до крај на мојот живот, на посебно место и со посебна нега.
Кире Божиновски – Катанга останува во клупската историја како еден од најдобрите водачи на “Чкембари“ за кои сите кои зборуваат за него тоа го прават со голема почит и одбрани зборови. Тој исто како Стевче на прославата се појави со посебна реликвија за него, со маица со мотив од 1991 година.

-Не знам точно за годината, може да е година плус – мунис, а мотивот на маицата е големото знаме на кое се гледа трибината на Пелистер со големо знаме со православен крст. Тоа за мене и тогаш имало големо значење, па можеби и затоа маицата ја носам со гордост како и пред 35 години. Кога го правевте разговорот со Стевче ве слушав и можам и јас да ја потврдам автентичноста на зборовите, дека тие се носени само на важни натпревари. Јас пред секој натпревар, во едно време кога бев водач на “Чкембарите“ пред натпревар влегував во соблекувалната и не можеше Стевче да остане незабележан, како сега се вели, “стајлингот“ на Стевче, кој заслужени и сега оправдано е дел од клубот во работата со младинските категории.
Сашо Ристевски
Фото: Дамијана Ристевска






