Центарот за култура – Битола и Сефедин Бајрамов денеска на прес-конференција официјално го најавија и кажаа детали кои ги интересира публиката, за престојниот концерт на Бајрамов закажан за 12 февруари. Концертот ќе се одржи во пресрет на празникот на виното и љубовта во големата сала на Центар за култура – Битола.
-Концертот “Прстен за неа“ ќе биде концерт на нашиот битолчанец Сефедин Бајрамов заедно со Камерниот оркестар и неговите гости. Тоа нема да биде само еден обичен концерт, тоа ќе биде музичка приказна наменета за љубовта, емоциите, ветувањата и некои други слатки приказни. Салата е веќе половина распродадена и верувам дека ќе биде полна салата, а битолчани имаа уште малку време да набават влезници, рече директорот на Центар за култура – Битола, Сашо Илковски.
Сефедин за својата публика ќе изведе 16 нумери. Еден дел од репертоарот ќе бидат познатите и изведувани песни а некои за прв пат ќе ги изведува концертно таа вечер.
-Иницијативата за концертот потекнува од Центарот за култура и моите соработници, кои ја аформираат македонската музика и да бидам искрен не очекував да бидам во врвот на листата и за мене беше пријатно изненадување. Ќе ја имам големата поддршка од Центарот за култура, камерниот оркестар и секако големата поддршка од мојата публика која ме следи во текот на целата моја кариера. На овој концерт ќе се изведуваат песни кои исклучиво ги изведувам јас во соработка со композитори и текстописци и нема да има песни од други изведувачи освен моите. Гостите сами ќе одберам кои две песни ќе ги исполнат. Се работи за концерт со сосема друга музичка слика и енергија која кореспондира со празникот на љубовта и виното. Јас сум препознатлив по тој музички ракопис и сум изведувач претежно на мелодии со лирско-емотивна содржина и така ќе биде и овој пат, а публиката знае што ја очекува, вели Сефедин.
-Еден од поводите за песната “Прстен за неа“ која иако е изведена од пред многу години, а е прифатена од младите, нема настан каде по неколку пати не ја пеам оваа песно.Но сакам да им “кажам“ на младите дека имам уште многу други песни, а посебно сакам серенадата, по која е позната Битола, да доближам до нив и серенадата да живее во Битола уште многу години, додаде Бајрамов.
Водителка на концертот ќе биде Каролина Петковска од МРТ. А гости на концертот ќе бидат Виктор Апостоловски и Ана Петановска кои ќе имаат слободен избор да настапат со две песни по избор и една заедничка со домаќинот Бајрамов.
Матичниот текстописец на Бајрамов, Валентин Соклевски, кој со Сефедин соработува од 80-те години истакна:
-Првиот контакт беше со Сефедин соработка со “Илинден“ а потоа продолжи соработката која трае до ден денес. Имам “заеднички“ настапи на неколку фестивали и имаме доста награди. Не само мене што ми е чест да работам со Сефедин, туку мислам дека на сите битолчани треба да им е чест што ваков славеј израсна и остана во Битола и што имаме задоволство да го слушаме да пее и изведува прекрасни композиции. Неговите песни се евергрини и ќе траат со генерации. Се надевам дека Центарот за култура – Битола кој веќе е, и во иднина ќе биде еден продукциски центар кој ќе продуцира уметност и начин што ќе овозможи издавање на ЦД. Покрај тоа што веќе издаваме книги и продуцираме концерти. Сефедин е секако на врвот на листата на изведувачи за продуцирање такво нешто. Ние не стари, а од нас уште многу може да очекувате. На концеертот ќе бидат изведени многу негови песни. Секој текстописец сака да работи со Сефедин, но тој е перфекционист и одбира со кој ќе работи, а мене ми чест што јас сум еден од одбраните.
Од денес е повторно достапна веб-страната 3dkinobitola.com каде што можат да се набават влезници за концертот по цена од 300 денари, а истите се достапни и на билетарата на Центар за култура.
Текст и фото: Дамијана Ристевска






