Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за заеднички активности во областа на образованието, истражувањето и примената на современи технологии.
Меморандумот го потпишаа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и деканот на ФИКТ, проф. д-р Благој Ристевски.
Со Меморандумот за соработка се утврдува рамка за соработка меѓу Министерството и Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот ,,Св.Климент Охридски“ во Битола, со цел искористување на научно-стручните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови насочени кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности.
-Развојот на една држава се базира на партнерство и соработка, кои се предуслов за успешно и просперитетно општество. Нашата држава има потенцијал, визија и капацитет да прерасне во регионален лидер за успешна енергетска транзиција, темелејќи се на институционалното поврзување со високообразовните и научните установи- истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на потпишувањето на Меморандумот за соработка.