-Во 2016 година “го вратив“ дедо ми Силјан во ракометот по еден телефонски разговор кога бев во Полска на натпреварот на Македонија – Тунис.
-Во Умаг во Хрватска, во домот на Лино Червар го направивме и официјалниот разговор, “клинавме“ брзо, пуштивме рака и Лино денес е дел од нас.
-Трансферот на Мартин Серафимов е дефинитивно трансферот на кој сум насреќен.
-Натпреварот со Охрид е навистина тест за силата на овој тим, но од друга страна не е ни клучен за оваа сезона.
По три годишен “престој“ во Битола на големиот пехар на РФМ, и трите шампионски титули по ред екипата на Еурофарм Пелистер за два дена влегува во битка за негово враќање во клубските витрини. Еурофарм Пелистер во врати стариот ракометен рејтинг, беше шампион, играше во Лига на шампиони, битолчани го гледаа Барселова, Берлин, Висла… Елитниот ракомет во Битола немаше да биде она што е без семејството Стерјеви, првиот човек на клубот Зоран Стерјев, вториот Бојан Стерјев, секако и Татјана Стерјева, наследниците на Силјан Мицевски – Циле, чие име во Битола и пошироко се уште се изговања со почит за се она што го направи за ракометот во Битола.
Но, неговиот внук Бојан, е човекот кој е најемотивен кога станува збор за ракометот, а сите успеси и неуспеси на Еурофарм Пелистер ги доживува низ солзи. Бојан ја извршува функцијата потпретседател на Еурофарм Пелистер и разговараме пред стартот на новата сезона и битката за враќање на титулата во Битола.

Бојан е битолчанец иако живее во Скопје, го сака ракометот, внук е на Циле, а тоа е повеќе од доволно така да го сака ракометот, а оттука и првото прашање, дали Бојан беше мотивот плус за враќањето на Силјан Мицевски во ракометот по неколку години пауза и формирање на РК Работник?
-Точно, јас бев мотивот во 2016 мојот покоен дедо повторно да влезе во ракомет. Таа желба ме влечеше уште од 2011 година, но некако мојата желба се оствари во 2016 година, веднаш по неуспехот на репрезентацијата на Македонија во 2016, откако не успеа да се квалификува на Олимписките игри. Јас во тој момент како 15-годишен, по натпреварот Македонија – Тунис во Гданск, Полска, каде бев присутен, веднаш му заѕвонив на мојот дедо (“ДЕДО ВРЕМЕ Е ДА СЕ ВРАТИШ ВО РАКОМЕТОТ”), а на Силјан му беше доволно само тоа да го чуе, поради љубовта која ја имаше за ракомет и љубовта кон мене и веднаш народски кажано ја започна таа мисија. Ќе беше уште подобро уште од почеток тоа да беше со проектот Пелистер, но во тоа време не доби дозвола да го преземе токму Пелистер, што понатаму, односно во 2019 ми се оствари и таа желба, каде мојот татко (мојата фамилија) со креирањето на “Платформата за ракометна Битола“ успеа да го врати Пелистер таму каде што припаѓа.

Еурофарм Пелистер е клуб е со тешко “си-ви“, шампионски титули, Лига на Шамшиони, пола сала… како се дојде до тоа и дали се што е планирано се оствари?
-Еурофарм Пелистер е денес стабилен клуб, клуб препознат во Европа и Светот, како што беше и во минатото. Нема некој што нема слушнато за овој клуб и сите се восхитуваат на хемијата која клубот ја има и со навивачите. Како дојде? Дојде со чесна работа, навремено исплатени плати, финансиска стабилност и најголемиот фактор е љубовта кон клубот која сите ја имаат во Битола. Ако кажам дека се е остварено, ќе биде лага, сеуште ни фали тој КУП трофеј кој никако не успеваме во овие години да го освоиме, се надевам тоа ќе биде оваа година.

Годинава стартувате со нов тренер, големо име на Европскиот ракомет, Лино Червар, како дојде до соработка со него и дали се совпаѓаат прво неговите размислувања со вас, а секако и амбициите?
-Со Лино Червар комуницираме веќе 3-4 години, пред се Лино имаше желба да дојде уште од порано. Склоп на околности не бил моментот тогаш, но еве дојде тој момент. Соработката со Лино годинава настана преку еден телефонски разговор каде тој одма ја претстави неговата визија. По овој момент ние бевме во Умаг во Хрватска, во неговиот дом, каде го направивме и официјалниот разговор. Клинавме брзо, пуштивме рака и Лино денес е дел од нас. Желбата е остварена и размислувањата се поклопени. Лино даде јасна визија и дефинитивно има одврзани раце да го постави клубот, точно така како што мисли.
Амбициите се исти, ќе “бркаме“ титула, ќе се бориме за Купот, но ќе има силна конкуренција. Според анализите на контролните натпревари во Словенија, натпреварот со “двојката“, трите натпревари од Регионалната лига дали сме подготвени за битките кои ги очекува Еурофарм Пелистер против трите екипи кои заедно со Пелистер влегуваат во борба за титулата?
-Оваа година е добро што влегуваме како од сенка, сите не сметаат за аутсајдери. Лигата, сезоната е долга, многу е подобро да создадеме тим, а да не се креваме во облаци. Нека не рачунаат сите за аутсајдери, а ние ќе си ја работиме работата како што треба, а амбициите се тие кои ги напоменавте, нема да бегаме од тоа, посебно кога Лино е наш тренер. Лино и со Барселона да играме ќе каже “МОЖЕМО ДОБИТИ ОВО, МИ СМО ЕКИПА ЗА ВЕЛИКЕ СТВАРИ“.

Битолчани и ова година ќе гледаат европски натпревари против силни ракометни екипи, како ја оценувате групата и дали очекувате поминување на групната фаза и како во разигрувањето.
-Искрено од сите противници кои беа можни да ни се паднат, не го посакував само Гумерзбах, но ете се падна баш тој тим. Мислам дека реално е да очекуваме да ја поминеме групата, не ги потценуваме Ла Риоха и Гданска, но нашата екипа е според мене поквалитетна од тие екипи. Ла Риоха е етаблиран клуб и мислам дека главната битка ќе ја водиме со нив. Повторно ќе се повторам Лино кажа дека ние ќе одиме на победа со секој противник, затоа што така се прави победнички менталитет.

Дали ростерот на тимот на комплетен?
-Со Лино никогаш не се знае дали ростерот е комплетен, тој е тип на тренер кој може да донесе уште 5 играчи во текот на сезоната, а може и да побара разделба и со 5 играчи, така да на ова прашање немам конкретен одговот. Наше е како што се договоривме со Лино, да ги следиме неговите барања и да го поддршиме сите во неговата работа, а вербата во него е огромна.
На кој трансфер си најсреќен во овој преоден рок?
-Трансферот на Мартин Серафимов е дефинитивно трансферот на кој сум насреќен. Немаше клуб од Македонија кој не го сакаше Мартин, а Мартин се одлучи за нас, иако ние најдоцна од сите клубови го контактиравме. Со Мартин се договоривме за 2 дена, Мартин уште кога сите пишуваа дека е блиску до Охрид и Вардар, беше веќе член на Еурофарм Пелистер, а тоа беше 5-ти март. Морам да им се заблагодарам на Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Никола Митревски и Дејан Манасков кој имаат огромен удел за неговото доаѓање во Еурофарм Пелистер.

Стартува сезоната против Охрид, вистински тест за силата на тимот?
-Пред се ќе почнам со пофалба за тимот на Охрид, за се тоа што го направи во овие години, посебно во овој трансфер период. Натпреварот со Охрид е навистина тест за силата на овој тим, но од друга страна не е ни клучен за оваа сезона. Ќе биде одлично да го добиеме тој натпревар, да ја започнеме сезоната со победа на гостински терен.

Кога се зборува за ракометот не смее да се испушти Еурофарм Пелистер 2. Годинава со нов тренер Бранко Ангелевски и нов стучен штаб?
-Еурофарм Пелистер 2 оваа година мислам ќе го врати стариот сјај, кој беше наметнат од денес покојниот Александар Јовиќ. Овој тим ќе биде најсимпатичниот тим во лигата, на никој нема да му биде лесно. Бранко си ја знае работата, со квалитетна работа мислам ќе направи еден одличен резултат. За мене таму не е битен резултатот, најбитно е да создадеме играчи за првиот тим, играчи кои би имале голема улога во тој тим, тоа би било најголем успех. Тимот е доста подмладен, на играчите им е потребна само работа и дисциплина.

Битолската публика после секој пораз на тимот е критички настроена, секогаш како порачуваат одиме на победа, а “Чкембарите“ ги немаше на трите натпревари од Регионалната лига. Што ќе и пораќате на битолчани пред стартот на сезоната?
-Битолската публика е секогаш критички настроена, но затоа е и најдобрата публика во ракометот, поради нивната пасија. Битна е сплотеност како никогаш до сега, единство. Заедно со “Чкембарите“ сите заедно да направиме големи нешта. Што се однесува до Чкембарите тие ќе бидат секогаш со нас, еве уште во недела најавија голема масовност во Охрид.
Сашо Ристевски










