Министерството за економија објави нов, втор повик за изготвување на проектни решенија за конзервација, санација и адаптација на старата битолска чаршија како и чаршиите во Скопје, Охрид и Струга.
Проектот за санација, конзервација и адаптација на македонските чаршии има за цел да го врати изворниот лик на старите јадра во градовите.
Во јавниот оглас се наведува дека е потребно да се изработат решенија за идниот изглед на излозите, натписите, настрешниците, ќепенците и евентуалното зеленило на дуќаните. Од проектантите се бара изработка на документација што ќе претходи на планираниот санационен зафат на дуќаните во овие чаршии.
Од државниот буџет е проценето дека ќе се издвојат речиси пет милиони денари за неопходната документација.
Предметот на договорот е неделив, така што проектантите ќе треба да ги изготват решенијата за сите четири чаршии.