Press "Enter" to skip to content

Која е Менка Николовска, добитник на 4-то ноемвриската награда

И по сите наши молби да направиме фотографија на добитничката на 4-то ноевриската награда, Менка Николовска, во тоа не успеавме, ниту преку Фарма Б. Аземовска, која место неа ја прими наградата.

Малкумина битолчани ја познаваат, но наместо фотографија ние ќе кажеме што таа има донирано во Битола и на кои категории на битолчани им помогнала.

Менка Николовска на десетгодишна возраст, непосредно по Втората светска војна со нејзиното семејство во потрага по подобар живот и подобра егзистенција се преселува во Битола. Градот Битола станува нејзината прва љубов се до 1956 година кога како личност се реализира во бракот со Владе Николовски.

Бранот на иселеништво го зафаќа и овој млад брачен пар кој во потрага по авантура проширување на сопствениот светоглед и откривање на убавините на светот, своето ново гнездо го свиваат во градот Гетеборг во Шведска. Годините на заедничко живеење, не се исполнети само со работа туку и со бројни авантури од патувањата низ државите на сите континенти.

Знаејќи дека слобода е да не се живее според однапред наметнатите правила на општеството Менка и Владе Николовски несебично помагаат насекаде низ светот. За нив материјалното богатство нема вредност доколку не се сподели со насмевките на оние на кои навистина им е потребна помош, несебична помош исполнета со љубов за која не се бара ништо за возврат. Едноставно тоа е начин на соединување на радоста и сомилоста во еднаквата фреквенцијата на зборот да се биде жив човек на Планетата Земја.

По годините заеднички живот, Владе Николовски – битолчанецот, само премина во друга димензија на постоење оставајќи ја пораката на првата љубов на својата сопруга Менка, аманетот Битола да и е секогаш во срцето.

Така и бидна. Своите пензионерски денови Менка Николовска ги минува во Битола. Вели:

-Да е жива и здрава Шведска која и овозможи висока пензија. На тој начин многу повеќе ќе му помогнам на моите сограѓани.

И навистина е така. За Менка Николовска нема разлика во националната или верска припадност, социјалниот или општествен статус…помага и донира со целото свое срце и душа, со целата идеја која заедно со нејзиниот сопруг Владе ја носат – да се помогне, да се даде, да се овозможи, да напредува човештвото, да биде мир да има среќа. Менка Николовска е доброчинител, филантроп, хуманист, човек кој несебично ги почитува и вреднува моралните норми на чесност, искреност, скромност, пример за новите генерации дека делата го чинат човекот да биде запаметен во колективната меморија на еден квантум време на даден живот на еден народ.

Менка Николовска ја номиниравме за 4-то Ноемвриска награда за хуманост со оглед на нејзината несебична помош наменета за сите граѓани на Битола: Донација аудио библиотека. Донација во Национална установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски – Битола (целосно опремување со опрема во музикалии: маси, столици, ТВ, ДВД плеер, компјутер, слушалки со ДВД, теписи и опрема за детскиот оддел со маси, столици, рафтови и плочки). Со оваа донација се унапреди работата на Националната установа и истата стана достапна за лицата со оштетен вид. Благодарение на донацијата на Менка Николовска децата со оштетен вид сега имаат можност да ги користат услугите на аудио библиотеката која полека, полека се развива.

Донација за изградба на мостот „Св. Ѓорѓија“ во населба Јени Маало. Мостот „Св. Ѓорѓија“ во населбата Јени Маало кој некогаш постоеше, благодарение на донацијата на Менка Николовска повторно се изгради. На овој начин жителите на населбата Јени Маало ја скратија комуникацијата со населбата „Кланица“. Мостот е со железна конструкција, патека за лица со посебни потреби и колички за мали деца, и осветлување.

Донација во затворот во Битола Донацијата во затворот во Битола им овозможи на затворениците реализација на простор за исполнување на нивните верски чувства. Во затворот во Битола се изградија мала црква и џамија. Менка Николовска е првата жена донатор во затворот во Битола која донираше ручек за 200 лица што е прва донација од ваков вид.

Донација во домот за стари лица Со цел подобрување на животот на лицата во поодмината возраст во домот за стари лица „Суе Рајдер“, Менка Николовска со сопствени средства изгради и освети мала црква. Имајќи ја предвид возраста на корисниците потребата за духовно и религиозно исполнување е од особено значење.

Донација во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ за децата со посебни потреби. Несебичноста и ширината на душата на Менка Николовска се рефлектираа во радоста и насмевките на децата со посебни потреби во ОУ „Ѓорги Сугарев“ во Битола. Со нејзина инцијатива технички беше опремена просторијата за работа на децата со посебни потреби. Во тек е комуникацијата за набавка на специјални компјутери со специјален софтвер со што неколкукратно ќе се подобри и модернизира образованието на овие деца.

Поддршка на Центарот за аутизам во Битола Со донација на Менка Николовска целосно технички е опремен ново отворениот центар за деца со аутистичен синдром во Битола. Со несебичната донација родителите и децата со аутистичен синдром не само од Битола туку и од поширокиот регион добија свој простор за реализација на различни активности според нивните потреби.

Донација во ОУ „Даме Груев“ подрачно училиште во с. Долно Оризари Децата од подрачното училиште во с. Долно Оризари добија опремено училиште со училишни клупи и столчиња. Со оваа донација се потврдија високите човечки и морални норми и пораката кои Менка Николовска преку своите дела им ги пренесува на новите генерации како се сака и почитува сопствената земја.

Донација во Центарот за ран детски развој СУМНАЛ – Битола. Со несебичната материјална помош, децата Роми претежно од населбата Баир, континуирано ќе можат да го посетуваат Центарот за ран детски развој. Со несебичната донација се овозможи уште една година континуирана работа на Центарот во кој во прв и преден план се децата, нивниот развој и несебична помош да имаат подобар старт во животот и да постигнат што е можно подобри резултати во понатамошното образование.

Донација во храмот „Св. Никола“ во Битола Менка Николовска со својата донација го збогати духовниот живот во храмот „Свети Никола“ во Преспанско Пелагониската епархија и овозможи подобрување на состојбата во практикувањето на религиозните чувства на верниците.

Донација за изградба на чешма на улица „Анести Пановски“ Чешмата го облагороди просторот на жителите со што се комплетира хортикултурното уредување на зелената површина. Со оваа донација Менка Николовска како и многу пати претходно ја докажа својата несебичност.

За неа искреното „благодарам“ е најголемата сатисфакција која го исполнува нејзиниот живот кога им помага на своите сограѓани.

More from ВестиMore posts in Вести »