Press "Enter" to skip to content

Пелистерски патокази низ текст и фотографии (1): До Копанки по пет патеки

Подготвил: Драган Ристевски

Копанки за битолчани е најпознат топоним кога ќе се спомене името на планината Баба и секако највисокиот врв Пелистер. Токму затоа со Копанки започнувам да ја обработувам темата Баба Планина и Пелистер, низ рубриката “Пелистерски патокази“ во која секој викенд ќе претставувам по еден топоним низ текст и фотографии.

Верувам, дека со моето 45 годишно планинарско искуство и искачувања на врвот Пелистер  од близу 700 пати, и со освојувањето на највисоките врвови на пет континенти, ќе придонесам за поголема популаризација на планинарството во Битола, а на битолчани низ текст и фотографија ќе им ја доближам планината во нивните домови. Ова нека биде убава прилика и мотив и тие да  посетат дел од излетничките места на Баба Планина, првиот Национален парк во Југославија, прогласен во далечната 1948 година, и секако на врвот Пелистер (2.601 м.).

Месноста Копанки се наоѓа на 1.610 метри надморска височина. Копанки претставува средишна точка меѓу Горна Ливада, каде што почнува стартот на скијачката патека со истото име “Копанки“ и месноста “Бегова Чешма“ (1.420 м.) која е на завршницата од оваа скијачка патека.

Поточно, Копанки е еден вид крстосница на планинарските пешачки патеки кои што водат кон месноста Палиснопје на запад,  потоа, кон месноста Јоргов Камен и Црвени Стени на југоисток и секако, кон пелистерските врвови: “Стив Наумов“, “Илинден“ и “Пелистер“.

Таму, пред повеќе од осум децении, во далечната 1935 година битолските планинарски ентузијасти и македонски патриоти во името на првото македонско планинарско друштво на овие простори “Пелагонија“, во оваа месност го изградија првиот планинарски дом Копанки. За историјата на Копанки во друга прилика, а сега да се навратиме на тоа како денес може да се стигне до Копанки.

До пешачката патека која води од Бегова Чешма, односно хотелот “Молика“ се стигнува по асфалтен пат од Битола кон потпелистерските села Трново и Магарево, а преку Информативниот центар, поранешна вила “12 Кладенци“, до хотелот “Молика“. Оттаму пеш, до Копанки се стигнува за 15 до 20 минути.

Втора планинарска пешачка рута е онаа која води од Информативниот центар на Националниот парк “Пелистер“ на надморска височина од околу 1.300 метри, во насока кон Палиснопје до месноста Печурка, односно до чешмата наречена Полковник Неделков. По 40 минутно пешачење патот свртува лево и по 30 минути, по блага косина се стигнува до Копанки.

Трета и малку подзаборавена патека која стигнува до Копанки е онаа таканаречената патека “По Вртешки“. Стартот на оваа патека е стариот мост на Магарска Река од село Магарево, а продолжува кон сега напуштената фабрика на “Битолатекст“ за килими и јамболии. По мошне атрактивен и живописен терен крај Магарска Река со преоѓање на десната страна на околу 30 минути пешачење во насока кон месноста Ластовичин Камен се стигнува до малку познатата, а многу атрактивна патека “По Вртешки“ која стигнува непосредно на околу стотина метри до Копанки на патот кон Јоргов Камен.

Иако има уште неколку приоди кон Копанки, во оваа прилика ќе ја истакнеме, четвртата по ред патека, која води од селото Трново кон месноста “Полковник Илиев“ и “Бункерите“ (од Првата светска војна), во продолжение  кон Јоргов Камен. До оваа месност се стигнува за 1,30 часа, а оттаму до Копанки, речиси на иста надморска височина, за околу половина час пешачење.

За планинарите сладокусци да го спомене и петтиот пристап кон Копанки кој започнува повторно од Магарево па преку “Борова Чешма“ и “Јоргов Камен“ преку атрактивен камењар и трасирана пешачка патека за околу 2 часа пешачење се стигнува до Копанки.

Покрај тоа што Копанки е синоним за почетоците на македонското организирано планинарство, преку првото македонско планинарско друштво “Пелагонија“, од 1935 година, Копанки воедно претставува и заштитен знак за почетоците на македонското скијање. Уште во 60-тите години на минатиот век на Копанки беше изграден првиот ски-лифт кој беше лоциран на сегашниот ски-лифт, кој води до месноста Горна Ливада.

Во 1975 година на Пелистер, поточно од Бегова Чешма до Копанки, беше изградена жичарницата која се уште е во функција. Токму на оваа патека покрај престижниот натпревар наречен “Пелистерски велеслалом“ се одржуваа бројни републички и меѓународни скијачки натпревари во слалом и велеслалом, а домот Копанки беше средиште и на натпреварувачите во нордиски дисциплини и во планинарска ориентација.

Верувам дека амбиентот од овие фотографии снимени години наназад ќе се повтори и годинава со бројно присутво на скијачи и рекреативци кои ќе се насладуваат на белината на снегот и скијањето и топлината на зимското сонце и пешачењето.

Иако снегот на Пелистер, поточно на скијачката патека Копанки, во зависност од метролошките услови, го има од декември па се до март, сепак фотографиите и текстов нека претствуваат еден вид психолошка подготовка на битолчани за љубителите на зимските спортови од нашиот град и пошироко.

Во следна прилика: Неолица на дофат на Битола

More from ВестиMore posts in Вести »