Денес на 28 ноември, или на 40 дена пред Исусовото раѓање, на Божик, зачочнуват божикните пости, за православните христијански верници кои се водат според стариот Јулијански календар, кој треба да ги применува секој верник, но секако под одредени правила. Тоа значи дека тој што пости и се моли, треба да е крстен, да се причестува, да се исповеда, да ги почитува и да учествува во сите други Свети Тајни на Црквата.
Под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата. Затоа, условно, постот можеме да го поделиме на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината.
Постот и молитвата ни се голем дар Божји, без кој за нас луѓето нема обожување и спасение. Тие се наше благодатно учество во Крстот Христов, па затоа и во Неговото Воскресение.
Постот и молитвата ги осветил и ни ги подарил во Црквата Самиот Господ, Богочовекот Исус Христос, преку севкупниот Свој живот во тело меѓу нас луѓето. Господ постеше во пустината четириесет дена и четириесет ноќи и често се повлекуваше насамо на молитва.
Оттогаш пa наваму, постот и молитвата во Црквата се запазуваат и се живеат како една од нашите најголеми светости.
Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те обзел лошиот дух, покажи му го лицето на постот, а тој окован со страв и врзан како со железни синџири ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и неговата другарка молитвата.
Еве што за ова пишува нашиот светогорски монах, големиот испосник и духовен отец, Епископот Велички Гаврил од Лесновскиот манастир, кој постојано живееше во најстрог пост:
-Оние што воопшто не постат нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството Небесно. Но, тие не можат веднаш да го усвојат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и во петок, во првата и во последната недела од постот, а потоа со текот на времето ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат полното правило, така што по некое време и тие ќе постат уредно…
Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец, како што видовме, може да неразреши, но од духовниот пост – никој, па дури ни ангел од небото. Затоа, телесниот пост не е секогаш неопходен како подготовка за Света Причест, додека пак, духовниот е неопходен. Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата.
Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови.