Како што најави претседателот на ракометниот клуб Пелистер, Васко Ковачевски, при изборот, заедно со тренерот Стевче Алушевски, спортскиот директор Златко Димитровски и членовите на Управниот одбор, Сашо Шамбевски и Борче Корлевски, денес ја одржа првата прес-конференција во спортската сала “Младост“.
Ковачевски и спортскиот директор на РК Пелистер, Златко Димитровски ги кажаа плановите на новата управа, а ако се остварат ќе значат подобра иднина за клубот.
-Сакаме од ракометниот клуб Пелистер да направиме клуб кој ќе биде силен на теренот, стабилен во организација и да биде на европска сцена, онака како што му доликува, бидејќи РК Пелистер е спортскиот бренд на Битола, а така мора да остане. Зедовме обврска да ги регулираме сите обврски за клубот, па затоа Општина Битола како единствен акционер одвои значителна сума за клубот. Но, и покрај тоа ги повикувам сите стопанственици, луѓето од бизнис секторот да ни се приклучат. Управниот одбор брои девет члена, но наскоро ќе приклучиме уште неколку луѓе. Ветувам силен и организиран Пелистер, кој ќе биде значаен фактор во македонскиот ракомет, но и на меѓународна сцена, рече Васко Ковачевски, претседателот на Пелистер и додаде дека клубот и раководство е отворено за соработка со сите компании, кои сакаат да се вклучат во овој проект со едно заедничко име РК Пелистер.

-Акциите се на берза и отворени сме за соработка со сите компании кои сакаат да ја искористат својата општествена должност и да се вклучат во нашиот проект, беше конкретен Ковачевски.
Извршниот директор Сашо Шамбевски посочи дека сега клубот ќе има поголем буџет, а со тоа доаѓа и поголемата стабилност.
-Сакаме во клубот да вратиме некои поранешни ракометари, кои ќе работат со младите категории од кои би излегле нивни наследници, кои ќе ја продолжат традицијата на Пелистер, нагласи Шамбевски.

Тренерот, Стевче Алушовски ја поздрави идејата на новото раководство и рече:
-Ќе има неколку засилувања оваа зима, но наша цел е излез во Европа сезонава. Ништо не се изградило преку ноќ и потребно ни е време да го изградиме брендот кој жареше и палеше. Целта ни е постепена работа со посебен акцент на сопствената школа и на млади ракометари и верувам дека Пелистер е на добар пат кон врвот на македонскиот ракомет.
Екипата на Пелистер и покрај организациските проблеми кој ги имаше оваа есенска полусезона е лидер на табелата во машката Супер лига, а избраниците на тренерот Стевче Алушевски само со еден пораз и тоа во првото коло ја завршија полусезоната.
И битолската спортска јавност очекува многу од најавите, посебно ја поздравува идејата за европски Пелистер, за конечно и во Битола по 11 години да има титула во храмот на македонскиот ракомет, салата “Младост“.
С.Р.






