Шефот на стручниот штаб на ЖФК Топ гол, Кире Грбевски на своите соработници, спортски новинари, членови на управата и играчкиот кадар на прес-конференција им го презентира извештајот за календарската 2017 година и анализата на есенскиот дел од натпреварувачката 2017/2018 година.
Во уводниот дел на прес-конференцијата која ја имаше Грбевски рече:
-Најнапред сакам да му се заблагодарам на моите соработници, членовите на управата, родителите, симпатизерите, а најповеќе на моите фудбалерки за залагањето и постигнатиот успех во 2017 година. Оваа година за нас беше доста успешна особено во работењето со младите категории бидејки во 2017 станавме младински шампиони и кадетски вицешампиони на Македонија. Од нашите редови се селектирани и голем број на млади репрезентативки, кои настапија на развојните турнири за девојки, во соодветните селекции на У-17 и У-19.
За тоа што кажува анализата за есенскиот дел од сезоната 2017/18 која ја направи тој со своите соработници рече:
-Завршивме на 7. место од вкупно 12 екипи кои се натпреваруваат во Прваат фудбалска лига за жени. Освоивме вкупно 12 бода и се пласиравме во 1/4 финалето во куп натпреварувањето. Оваа полусезона настапија вкупно 19 фудбалерки, а ние сме најмладата екипа која се натпреварува во лигата со просечна старост од 16.2 години. Држиме и рекорд за најмлада екипа во сениорска категорија која постигнала победа со просечна старост од 15.9 год.
На прашањето по што е препознатлива оваа млада екипа на Топ Гол оваа есен Грбевски рече:
-Препознатливо за нас оваа есен е играта во второто полувреме односно финишот на натпреварот од 70 до 90 минута, во овој период сме го губеле натпреварот, но сме направиле и пресврт во наша корист. Примивме вкупно 41 гол од кои 14 во првото, а 27 во второто полувреме. Постигнавме вкупно 25 гола од кои 8 во првото и 17 во второто полувреме. За пофалба е нашата фер-плеј игра за целата полусезона направивме вкупно 11 жолти картони, а ниеден црвен картон.
За осцилациите кои ги имаше екипата во текот на полусезоната, Грбевски вели:
-Прво да се осврнам на резултатите за што можам да кажам дека можат да се гледаат од два агли. Првиот е дека имавме најмлада екипа која успешно се носеше до поискусни и повозрасни екипи што е за пофалба, а вториот е дека може да кажеме дека поради неискуство и поради почетнички грешки сме кусок на пет-шест бода кои многу ќе ни значеа во пласманот на табелата. Но, данокот заради неискуството мора да се плати, а се што се случуваше во есенскиот дел е “школа“ која мора да ја научат. За осцилација кои ги имаме должи на нашето фудбалско неискуство, но ако се види дека сме најмлади и котираме во средниот дел од табелата пред нас стои блескава иднина. Ова го постигнавме со голем мотив и работа од сите нас.
На крајот Грбевски рече дека во наредниот период очекува подобра соработка со новата локална власт и подобрување на резултатите, а сето тоа уште повеќе ќе го промовираат женскиот фудбал.
С.Ристевски






