Press "Enter" to skip to content

Врвовите Пелистерски – гранитни пирамиди Пелистерски патокази низ текст и фотографии (7)

Подготвил: Драган Ристевски

Највисоките три врвови на Баба Планина, Пелистер 2.601 м. (според најнови сателитски мерења 2.633 м.), потоа Вториот врв, Илинден 2.549 м. и Првиот врв Стив 2.468 м се величенствени природни објекти кои со своите пирамидални форми доминираат во блиската и во подалечната околина, Поставени еднододруго, оваа величенствена тројка врвови  – гранитни пирамиди, според одредени научни видувања имаат старост од околу 465 милиони години од ерата на Палеозоикот.

Трите Врвови,  доминантно, убедливо и неповторливо претставуваат вистински украс и природен дар за сите нас што имаме привилегија да ги посматраме и да им се воодушевуваме оддалеку. Глетката кон трите гранитни врвови од секаде е убава особено од страната на Братиндол, од Снегово потоа од Лисолај и секако од Пелагонија од  страната на Црнобуки и месноста Петилеп.

А од врвовите, видикот е исклучителен. При јасно и ведро време, особено зиме, оттаму се гледаат снежните врвови на Кораб, цела Шара , Рила и Пирин се до Олимп на југ, едноставно цела територија на етничка Македонија.

Нивното влијание врз нас е повеќе од исклучително, присутно и неразделно врзано за нас, битолчани и за сите жители од околината кои ја имаат привилегијата да ја добиваат неповторливата енергија од овие природни гранитни пирамиди. Таа природна енергија директно и непосредно влијае на сите битолчани, независно од нивната возраст, кои како такви, посебни луѓе и личности, носат белези и карактеристики својствени само за битолчани.

Многумина нашинци, независно од нивниот општествен статус и интелектуална надградба, во разни прилики и ситуации се нашле низ Македонија, низ поранешна Југославија, низ балканските земји и низ белата дуња, во Европа и низ светот, при што се почувствувале исклучителни, посебни, оригинални, автентични и специфични – едноставно битолчани. Тоа пред се е ,, заслуга“ најмногу  од енергијата и влијанието на нашата природна околина особено на триглавиот врв Пелистер кој своето име го носи од старомакедонскиот збор Бел – истер  – што многу едноставно, означува Бел – врв. (Истра – копнен врв, полуостров во Јадранот; ја ИСТЕРав – ја заВРВшив работата до крај и слично)  

Трите пелистерски врвови, Пелистер – Илинден – Стив, претставуваат графички синоним за планина. Првата претстава на детско ликовно изразување уште од претшколска возраст, за поимот планина, првата детска визуелизација за планински врв се формите кои ги имаме во нашата непосредна близина, а тоа се Пелистерските врвови, нашите гранитни пирамиди! 

Токму тие три остри гранитни пелистерски пирамиди како заштитен знак се поместени на етикетата на надалеку прочуената по својот квалитет, минералната вода ,,Пелистерка“ чиј автор е познатиот уметник од нашиот град, академскиот сликар и графичар Ранко Струмениковски (1936 -2000),

Доколку сакаме непосредно да другаруваме со енергијата која ја поседуваат и безрезервно ја оддаваат трите врвови, до нив можеме да дојдеме не многу тешко и не многу комплицирано. Најпрво треба да изразиме желба, а потоа да го направиме првиот чекор.

Најчестите приоди до Врвовите, како што битолчани ги нарекуваат трите верижни Пелистерски врвови се од страната на Широка, патеката по ,,Камењарот“, рутата од Црвени Стени, патеката по далноводот односно по Бандери и онаа која доаѓа од Големо и Мало Езеро како и патеката која минува низ месноста Болници, односно од изворите на Ротинска Река. Останатите приоди се варијанти на споменатите патеки, а има една поекстремна рута која минува од Втората Река, вертикално  нагоре кон самиот врв Пелистер.

Времетраењето на самото искачување до Врвовите изнесува 4 до 5 часа, а доколку подзастануваме и ги посматраме убавините на природата тоа може да потрае и 6 часа. Затоа е најдобро да се пешачи по мирно и стабилно време по можност да биде сончев ден и секако да се тргне од Битола рано наутро. Ова повеќе е важно за понеискусни намерници бидејќи доколку е влажна подлогата на патеката по Камењарот има опасности од лизгање по гранитните плочи и можности за несакани повреди. Затоа, најпрепорачлива и најбезбедна маршрута до Врвови е сепак Широка.

Ова го истакнувам заради моето акумулирано искуство од 45 години другарување со Баба (Татко) Планина и со моите околу 700 пати интимност со Пелистерските врвови во сите годишни времиња, од кои половината во зимски услови со турно скии. Ако за искачување се потребни добра опрема, внимание и време од неколку часа, за слегување е потребно двојно повеќе внимание, двојно помалку време и пред се почитување на планината.

Таа врска со Пелистер започна уште од средношколските денови, кога на убав начин во основите за престој во природа ме воведе мојот учител по планина, доајенот на македонското планинарство, Борис Алтипармак, па се до денес.

Таа интима со Пелистер и со трите врвови директно и непосредно придонесоа да се почувствувам како нераскинлив дел од тој амбиент самувајќи на највисоките нивни точки. Посебно тоа се случуваше на првиот величенствен врв, врвот Стив. Токму во тој предел на божественост, јас добив поттик и желба, по завршувањето на високото образование за новинарство, за култура и уметност, да се запишам во 1985 година и на Богословскиот факултет ,,Свети Климент Охридски“ во Скопје. И на приемниот испит на тема ,,Бог во мојот живот“ јас едноставно го опишав моето восприемање на Бога олицетворено преку Природата и преку Пелистерските врвови. Колку повисоко толку поблиску до Бога. На приемната комисија составена од тогашниот архиепископ на Македонската православна црква, Г.Г. Гаврил, професорот по вовед во теологоја Методи Гогов ( подоцнежен архиепископ на МПЦ Г.Г. Михаил и секретарот на Факултетот, Ацо Гиревски, им оставив силен впечаток со содржината на мојот напишан текст за непринуденото и слободно престојување на Пелистерските врвови и секако- бев примен на Факултетот.

Таа интима со Пелистерските врвови – гранитните пирамиди трае и денденес. До кога? Тоа е трајно пријателство преточено во почит, респект и уважување, какво што заслужува Белиот Врв, Пел Истер, Пелистер!

Во наредна прилика: Илинденската епопеја на  Палиснопје

More from БитолаMore posts in Битола »