Денес во 17 часот во спортската сала “Младост“ во Битола, екипата на ракометниот клуб Еурофарм Работник ги започна подготовките за пролетниот дел, кога и ги очекува и настапот во продолжението на Челинџ купот.
Тренерот на Еурофарм Работник, Илија Темелковски, ја одржа прозивката, а потоа одржа и краток состанок со ракометарите на кои им го кажа и планот како ќе се одвиваат подготовките.
-Подготовските ги започнуваме денес во Битола каде ќе работиме десетина дена до заминувањето за Дојран, каде ќе ја работиме втората фаза од подготовките. Во Битола ќе работиме два пати на ден, претпладне во “теретана“, а попладне тука, на паркет, каде ќе работиме со топка и на тактичко воигрување. По враќањето во Битола, по некој ден ќе заминеме за Ниш, Србија, каде ќе одиграме двомеч со екипата на Жечезничар. Потоа се враќаме во Битола, каде остануваме се до почетокот на пролетниот дел, им рече Темелковски на своите ракометари.
За тоа колку натпревари екипата ќе одигра да ја провери формата на ракометарите и нивната тактичка подготвеност, Темелковски ни рече:
-До сега имаме договорени два контролни натпревари против екипите на Металург и Охрид, но датумите не се потврдени поради тоа што двете екипи не ги имаат почнато подготовките и немаат направено конкретен план. Дали ќе одиграме уште некој натпревар зависи од останатите екипи, односно од нивните планирани термини.
На првата прозивка на екипата на Еурофарм не се појавија четворица ракометари кои се на списоците на селекторите на нивните репрезентации. За македонската репрезентација на Европското првенство во Хрватска ќе настапат Гоце Ојлевски и Горан Крстевски. Од интернационалците денес ги немаше Елмир Граџан кој ги брани боите на Босна и Херцеговина и Рати Мсквилидзе кој е во репрезентацијата на Грузија.
За очекувањата од подготовките голманот на Еурофарм Работник, Филип Ивановски вели:
-Релативно рано ги почнуваме подготовките, но со оглед на тоа што не очекува во февруари, нова фаза под Челинџ купот, во вистинско време. Од тоа што ни кажа тренерот на првиот состанок, ќе имаме набиена агенда за подготовки, но сите сме свесни дека од тоа како ќе ги сработиме подготовките така ќе биде и нашата форма на стартот на пролетниот дел. Очекувам силни подготовки преку кои ќе ја темпираме формата за пролетнито дел.
С.Ристевски






