Press "Enter" to skip to content

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов му се заблагодари на битолчани за поддршката во Загреб

По победата на репрезентацијата на Македонија над Црна Гора, на Европското првенство во Хрватска, забавата на македонските навивачи продолжи до раните утрински часови во фан-зоната во кафе-барот “Роко“ на Јарун.

Битолските навивачи беа дел од големата прослава заедно со раководството на Ракометната федерација на Македонија.-Со битолчани победата ја славеше и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, кој не го криеше задоволството од големата поддршка на битолчани кое му го даваат на репрезентативците, вели Димитар Митревски.

-Големо славење на победата над Црна Гора во фан-зоната од страна на сите навивачи, но морам да кажам дека посебен шмек му дадоа битолчани, кои покажаа дека знаат да навиваат, знаат ракомет, но и знаат да се забавуваат, ни рече Сашо Шамбевски, кои и ни прати фото од фан-зоната на РФМ.

Во фан –зоната, јавно на говорница, било речено и дека Хрватска има големо значење за македонското навивање.-Тука во 2009 година во Вараждин, “Фалангата“ започна да се организира, без клубски бои и поделба на Македонците. И потоа од натпревар во натпревар се до 2018 бројот на навивачи се зголемува. На секој натпревар дресовите и шаловите имаат едно име Македонија, рекол Никола Пискачев од Битола, во име на сите навивачи кои се во Загреб.

Славењето на победата траело до раните утрински часови, а битолчани со развиорени македонски знамиња можело да се видат насекаде низ Загреб.

С.Р.