Точно во 11 часот, на стадионот под “ТУмбекафе“, започна првиот состанок на фудбалерите на Пелистер, на кој се појави новиот тренер Мане Секуловски и новиот спортски директор, Менде Степановски.
За почетокот и за тоа што најмногу ги интересираше фудбалерите финансиите, Степановски, откако пред фудбалерите го претстави новиот тренер, рече дека според разговорите со претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски обезбеден е буџетот за оваа пролетна полусезона.

Според Степановски, сите фудбалери ќе добиваат плата, а за заостанатите долгови секој посебно ќе направи договор, а тие ќе се испатат до крајот на сезоната.
Тренерот на Пелистер, Мане Секуловски најпрво на фудбалерите им посака успешна сезона, без повреди и со добри резултати, и им го кажа планот за работа.
-Иако времето за подготовки е кратко, ние мораме да бидеме подготвени за она што не очекува во пролетниот дел, а тоа се 18 првенствени средби и најмалку две во Купот. За тоа мора да се работи со силно темпо, а за да стигнеме со посакуваната форма, која можеби нема да биде во првото или второто коло, ќе мора планот за работа мора да го исполниме во целост.
Секуловски за тоа како ќе се одвиваат фазите на подготовки рече:
-Прво започнуваме во Битола, каде ќе имаме по еден тренинг до сабота, а во недела слободен ден. Од понеделник ќе се работи со засилено темпо. Остануваме во Битола до 29 јанаури, а потоа осум дена ќе работиме надвор од Битола, каде ќе одиграме две-три контролни средби. По враќањето во Битола, ќе имаме два дена слободни, а потоа ќе работиме на тактички план и да ја довоиграме екипата се до почетокот на пролетнито дел кој е мошне рано на 14 февруари, а не очекува натпревар против екипата на Победа.
Помошници на Секуловски, ќе му бидат Пеце Миленковски и Сашо Петровски кој ќе работи со голманите.
Инаку, на денешниот прв состаник се појавија дваесетина фудбалери, од кои дел се од оние кои настапуваа есенскиот дел за Пелистер, неколкумина од младинските категории, повратници во Пелистер, а деновиве се очекуваат уште 4-5 фудбалери да се приклучат на екипата.
На сите кои сега се во Пелистер, како рече Секуловски, во време кога клубот е во незавидна ситуација, им се заблагодари што се одлучија да останат во зелено-белиот дрес, и заедно да се изборат со сегашната состојба, кога клубот има проблеми со играчите, со бодовното салдо, и секако со целокупната состојба во клубот. Но, Секуловски нагласи дека верува во сите кои беа на состанокот и дека заедно ќе успеат во намерите.
По состанокот во клупските простории во 12 часот се одржа и првиот тренинг на фудбалерите, а за наредните денови спортскиот директор, Менде Степановски, најави прес-конфернција, на која ќе ги соопши имињата на новите фудбалери и плановите за пролетниот дел.
С.Р.






